Уставниот суд не донесе одлука за предметот за оспорените членови на Изборниот законик (ИЗ) со кои се штитат од конкуренција големите партии, на штета на независните граѓански организации и групи избирачи. Согласно спротивставените размислувања на судиите, кои беа изнесени и во текот на седницата, но и при гласањето дојде до изедначување на гласовите, имајќи во предвид дека денеска на седница беа присутни 8 од вкупно 9 судии, информираа од Уставен.
Ова значи дека дискусијата е исцрпена за овој предмет, но, постапката и понатаму останува отворена, по што Судот во полн состав од 9 судии ќе гласа за предметот наредната седница.
Подносители на иницијативата се Лилјана Поповска, Ѓорѓи Танушев, Костадин Ристоманов, Стојанчо Велков, Невена Георгиевска, Татјана Стојановска, Дејан Димитровски, Драгана Велковска, Горјан Јовановски, Јана Белчева-Андреевска, Јане Димески преку полномошник адвокатска канцеларија Петрушева.
Подносителите сметаат дека со оспорените членови се прави измена на членовите 61 и 62 од Изборниот законик , кои се однесуваат на условите за поднесување листи на независни кандидати за пратеници, како и за членови на совети и градоначалници. Се тврди дека е драстично подигнат прагот за поднесување на независни граѓански листи на изобри на 1 % од гласачкото тело, што според нив предизвикува нееднаква положба на граѓаните при здружување во иницијативни групи за поднесување на независни листи за учество на изборите. Се наведува дека овие измени создале нееднаквост на граѓаните и дискриминација во корист на партиите, имајќи предвид дека секоја партија која исто така претставува група граѓани, може да поднесе листи со кандидати, а е регистрирана со 1000 гласачи. Дополнително, според подносителите спорно е што измените се донесени во нетранспарентна и скратена постапка, без претходни консултации и јавна расправа.