Здружението на јавните обвинители на Република Северна Македонија остро реагира на отвореното писмо од јавната обвинителка Вилма Русковска упатено синоќа до странски амбасади и меѓународни организации. Како професионално здружение, со зачуденост го проследивме дописот за кој сметаме дека го нарушува угледот на јавнообвинителската функција и грубо го прекршува Етичкиот кодекс на јавните обвинители, велат од таму.

Од здружението додаваат дека како јавни обвинители не гледаат ниту една причина за ваков драматичен полноќен повик до меѓународни институции и дипломати, особено што ниту обвинителката Русковска, ниту останатите обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во ниту еден момент не биле спречени самостојно да водат истраги за предмети во нивна надлежност.

Од здружението велат дека ниту еден јавен обвинител не смее да се смета себе си за семоќен и да одбива контрола над постапувањето. Таквата контрола токму има за цел да се избегне незаконито постапување и самоволие, како и да се гарантира праведноста на постапката, велат од здружението на јавни обвинители.