Престижното медицинско списание „Лансет“ објави збирни резултати од студии за последиците на корона вирусот, а во анализата се наведуваат и симптоми кои луѓето излекувани од Ковид-19 ги чувствуваат со недели, а понекогаш и со месеци по лекувањето.
„Лансет“ наведува симптоми кај испитаниците кои имале средно тешка и тешка клиничка слика, а многу од нив биле и хоспитализирани. Како што се наведува во студијата, три четвртини од пациентите имале најмалку еден од следните симптоми, дури и шест месеци по акутната фаза од болеста.
Дури 26 отсто од испитаниците имале проблеми со спиењето, несоница или потешкотии да заспијат, што е сериозен проблем бидејќи квалитетниот и редовен сон е еден од клучните начини на закрепнување на телото, а ваквите долгорочни симптоми сметаат и го забавуваат закрепнувањето.
Понатаму, 23 отсто од испитаниците пријавиле депресија и анксиозност.
Тоа се чести последици од хроничните болести бидејќи лицето има впечаток дека неговото тело го издава, дека не може да предвиди што ќе се случува понатаму ниту да го препознае сопствениот организам. Тоа предизвикува анксиозност, лоша концентрација, проблеми со спиењето, кошмари и грижи. Болеста често нè изолира и од нашиот систем на поддршка, па со овие чувства мораме сами да се справуваме. Анксиозноста во потешки облици може да доведе и до панични напади – вели Теса Милер, авторка на книгата „What Doesn’t Kill You: A Life with Chronic Illness – Lessons from a Body in Revolt“.
Истовремено, девет отсто од испитаниците пријавиле болка во зглобовите, што е честа појава при воспалителни процеси во телото.
Воспаленијата го напаѓаат ткивото на зглобовите, предизвикуваат отоци, таложење на течности, оштетување на мускулите и други проблеми – објаснува ортопедскиот хирург, д-р Кристофер Траверс.
Студијата опфатила и досега познати симптоми како слабост во мускулите, умор, краток здив, губење на сетилото за мирис и вкус како и опаѓање на косата. Меѓутоа, трите горенаведени симптоми особено се издвојуваат во текстот бидејќи досега не ги пријавиле многу лица.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.