Двојка од Италија се венчале во необични околности, а приказната која почнала како „последната желба на младоженецот“ се претворила во онаква со најубав крај.
Маурицио (47) од Торино бил згрижен в болница во јуни откако доживеал срцев удар. И покрај напорите на лекарите, неговата клиничка слика за жал не ветувала многу… Неговата состојба се влошувала, предизвикувајќи низа други компликации кои доведоа до потреба од пресадување на срце. Мажот потоа е ставен на списокот за итна трансплантација, па одржуван во живот со машини кои ја движат крвта низ неговото тело. Прифаќајќи веќе дека умира, Италијанецот имал само една желба – да се ожени со Силвија, неговата девојка и мајка на нивната двомесечна ќерка.
Венчавката која почнала како „последната желба на Маурицио“ се одржала во кардиохируршкото одделение каде што тој лежел. Силвија наместо цвеќе држела „букет“ од тубите за крв, а собата била украсена и со неколку балони, како и фотографија од нивната ќерка.
Иако мислеа дека ова е еден од ретките последни мигови коишто парот ќе ги мине заедно, само 12 часа по венчавката – Центарот за трансплантација објави дека нашле соодветно срце за Маурицио. Тоа пристигна во Торино со специјален авион, а потоа лекарите извршија успешна седумчасовна операција.
– Прекрасни вести со двојно-среќен крај!, рече Џовани ла Вале, одговорен за здравството на Градот Торино, честитајќи му на тимот за трансплантацијата. – Но, уште повеќе честитки за овој човек и двојката чиј живот повторно се роди. Нека ова семејството биде почеток на нов среќен заеднички живот, заклучи тој.
Маурицио денес се чувствува добро и ужива во својот „втор живот“ и времето со семејството. А, неговата приказна е доказ дека, понекогаш, чудата се навистина можни.