Над 70 лица се убиени во бунтовите во три затвора во Еквадор, извршени од локални криминални организации, соопшти синоќа Управата за затвори во земјата, јави ДПА.

Националниот сервис за грижа за лицата лишени од слобода (СНАИ) соопшти дека регистрирал дополнителни 13 жртви, со што вкупниот број на жртви се зголеми на 75, бидејќи и натаму се собираат информациите за насилството во трите објекти.

-Неколку членови на персоналот се повредени при нарушувањето на јавниот ред и мир во затворите, но меѓу нив нема загинати, изјави директорот на СНАИ, Едмундо Монкајо, на прес-конференција, пренесе ДПА.

Еквадорската полиција на Твитер потври дека во немирите во трите затвори загинале повеќе од 50 лица.

Владата овие немири ги опиша како „координирана акција на организираниот криминал“, пренесуваат британските медиуми.

Немири избувнаа во четири затвори, а според премиерката Патриша Пазмин, тие се резултат на судири меѓу криминални банди во нив.

Според извештаите на локалните медиуми, членовите на семејствата на уапсените ја потврдиле оваа информација, велејќи дека членови на една банда нападнале членови на друга банда.

Претседателот Ленин Морено рече дека полицијата прави се за повторно да се воспостави редот во затворите, пренесоа светските медиуми.

„Полицијата и Министерството за внатрешни работи работат на враќање на контролата врз затворите во Гвајакил, Куенка и Латакунга“, соопшти Морено на Твитер.

Морено подоцна додаде дека на Министерството за одбрана му наредил да „спроведе строга контрола на оружјето, муницијата и експлозивите во надворешниот периметар на затворите“ по насилните немири во трите затвори.

Еквадорската армија соопшти дека ја поддржува полицијата во безбедносните операции околу трите соединенија.