Пазарните и трудовите инспектори од задутре ќе бидат на терен и за секое евентуално зголемување на цени што излегува од секоја нормална пазарна логика соодветно ќе реагираме, најави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
На новинарско прашање како ќе се гарантира дека од задутре кога завршуваат владините мерки за цените на прехранбените производи тие нема да се зголемат драстично, Битиќи порача дека секое неетичко однесување на кој био трговец ќе се казни на најсериозен начин. Повторно повика да се изгласа законот за нефер трговски практики, а ако има потреба да реагират и Комисијата за заштита на конкурентноста и Организацијата за заштита на потрошувачите.
-Јас сум конзистентен, секое неетичко однесување на кој било трговец ќе се казни на најсериозен начин. Што тоа ќе значи знаеме од минатото. Сметаме дека конечно лекцијата е добиена, дека во државата освен добивање бизнис и креирање профит мора да имаме морал и етика кај компаниите. Сметам дека замрзнувањето на цената е една од мерките која не содветствува со пазарната економија, сметам дека треба да се вратиме во нормалните текови на живеење, а секако останува за бизнисмените и тие да се однесуваат соодветно. Државниот трудов и Државниот пазарен инспекторат веќе од задутре ќе бидат на терен и за секое евентуално зголемување на цени кои коишто излегуваат од секоја нормална пазарна логика соодветно ќе реагираме. Тоа нема да значи дека еве ако во Собранието нема разум за носење закон за нефер трговски практики дека ние нема да реагираме, изјави Битиќи, по учеството на РЕДИ самитот 2024 во Скопје.
Според него, Комисијата за заштита на конкурентноста, како и Организацијата за заштита на потрошувачи се најповиканите коишто треба да реагираат секогаш кога има вакви случувања, а најсоодветно решение е да се изгласа законот за нефер трговски практики.
Доколку има потреба, најави дека повторно ќе појде во Комисијата за заштита на конкурентноста и лично ќе поднесе претставка за компаниите. Битиќи беше во Комисијата пред половина година и му беше најавено дека има процедури за да се поднесе претставка.
-Точно дека пред шест месеци бев во Комисијата, ми рекоа дека процесот може да трае една година. Стариот состав на комисијата ја има почнато работата, веќе имаме нов состав. Ако задутре имаме индиции дека имаме такво однесување на пазарот од стопанствениците, јас, како што направив пред шест месеци, ќе отидам пак во Комисијата за заштита на конкурентност затоа што ако не можат тие да направат нешто по допрен глас еве јас ќе дадам претставка за компаниите. Сметам дека конечно е дојдено време секоја институција соодветно да реагира на се’ што треба да се реагира во нашето општество. Не можеме да бараме одговорност од тие што не се повикани. Комисијата за заштита на конкурентноста, како и Здружението на заштита на потрошувачи се најповиканите коишто треба да реагираат секогаш кога имаме вакви случувања. Како Влада дадовме фантастичен што е во собраниска процедура – законот за нефер трговски практики, којшто навистина не знам зошто се уште не го гледа денот кога би требало да се изгласа и усвои, изјави Битиќи.
Министерството за економија веќе најави дека нема да биде продолжена мерката за гарантирани цени која завршува на крајот на месецов и ќе се чека носењето на законот за забрана на нефер трговски практики со кој очекуваат да се стави ред во нелојалната конкуренција во трговијата и да доведе до намалување на цените на прехранбените производи.
Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи во декември лани, на предлог на Министерството за економија беше усвоен од Владата и доставен до Собранието.
Министерството за економија лани на 20 септември донесе Одлука за изменување на одлуката за посебни услови за трговија на одделни стоки, определување на највисоки цени на одделни производи во трговијата на мало, како и обврска трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количество на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед што беше објавена во Службен весник и важи до 29 февруари годинава.
Одлуката се однесува на: ориз бел, во пакување од 900 g до 1kg; брашно пченично тип 400 и тип 500; бел и полубел леб, векна, индустриски тип 450 g (цел и на парчиња), со исклучок на свежо печен леб во маркетите; други пекарски производи; бисквити „Petit Beurre“ и бисквити обични и посни од 300 до 500 g; наполитанки, со фил од какао крем (обични, непрелиени) од 300 до 500 g; тестенини (макарони и шпагети од тврда пченица обични) без и со јајца од 500 g; јунешко месо без коски, од бут или некој друг дел; свинско месо без коски, од бут или некој друг дел; мелено месо свинско и јунешко; пиле свежо или замрзнато (цело); пилешки стек свеж или замрзнат; чаен колбас (јунешки, свински и говедски) без додатоци и без слајс пакување; пилешка посебна салама (без слајс пакување); паштета од џигер и пилешка (без додатоци) во пакување од 95 и 100 g; трајно кравјо млеко (освен органско млеко и млеко со додатоци) со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, во пакување од 1 l; јогурт од кравјо млеко обичен (без додатоци) со масленост од 2,8% до 3,2%, во пакување од 1 l и 1,5 l; кисело кравјо млеко (обично, без додатоци) со масленост од 2,8% и 3,2%, во пакување од 300 до 500g; павлака од кравјо млеко со масленост од 12% до 20%, во пакување од 180 или 200 g; традиционално кравјо бело сирење и мешано бело сирење (без додатоци); традиционален кравји и мешан кашкавал (без додатоци) и свежи јајца од кокошка.
До утре е во сила и Одлуката за изменување на одлуката за определување на највисоки цени за одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало што се однесува на: светло пиво во пакување од 1,5 l во шише; газирани пијалаци (сокови) во пакување над 1 l во шише; негазирани пијалаци (сокови) во тетрапак пакување и минерална, газирана и негазирана природна изворска вода во пакување над 1 l во шише.
Завршува важноста и на одлуките за намалување на увозните давачки за увоз на свеж зеленчук според која применливата царина е 10 отсто за кромид, праз, карфиол и брокула, салата, моркови, модар патлиџан и тиквици, како и за намалување на увозните давачки за увоз на свежи домати, краставици и пиперки и за кои применливата царина е 10 отсто.