Нема решение за проблемот со тутунот. Ќе продолжиме да го носиме на вагите, но и натаму не се согласуваме дека треба само да се предаде, зашто многу е важно по која цена ќе се откупи, изјави за МИА Игор Мирчески од Иницијативниот одбор на незадоволните тутунари по денешната средба со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа.
Според Мирчески, нови протести нема да има. Досега, за два месеца, се откупени пет милиони килограми од вкупно планираните 25 милиони. Просечната цена е околу 150 денари, а не 166,8 денари.
Цената, нагласи Мирчески, вештачки се крева преку откупот што го врши Тутунскиот комбинат – Прилеп, но таа не го одразува реалниот просек.
Од Владата испратија кусо соопштение во кое се наведува дека повторно се разгледале можностите за излегување во пресрет на барањата на тутунарите со цел успешна завршница на годинашната реколта и постигнување повисока просечна цена. Била изразена и волја Владата да вложи максимални напори за достигнување просечна цена од 180 денари и преземање мерки тоа реално да се оствари.
-Не прими министерот, премиерот наводно бил зафатен или отсутен. Разговаравме. Нема решение за проблемот. За она што го баравме, 100 денари субвенција за секоја класа, по 30 денари во просек, министерот дефинитивно кажа дека државата нема средства и покрај сите наши напори да го преубедиме дека има, зашто вчера беа исплатени 33 милиони за „Макпетрол“, а пред тоа и за секакви други непотребни работи. Значи, само за тутунарите нема средства. Едноставно, ни беше речено дека оваа реколта ќе оди курбан. Наше, како Иницијативен одбор, беше да го дигнеме проблемот на највисоко ниво и во тоа успеавме, но, ниту имаме механизам, ниту можеме да го решиме. Едноставно, државата не сака да го реши проблемот, рече Мирчески според кој, по секоја средба откупот на терен е полош.
Пред средбата со Хоџа, тутунарите протестираа пред Владата. Во знак на револт, симболично, запалија и одредена количина тутун.