Нема рокови за ЕУ интеграцијата.
Францускиот амбасадор во Македонија, Сирил Бомгартнер денеска пред Националниот совет за евроинтеграции во Собранието ги презентираше приоритетите на француското претседателство со Советот на Европската Унија. Тој изјави дека за Македонија нема определен рок за проширување на унијата, а нема ни датум за почеток на самите преговори.
„За оваа тема нема некој утврден точен рок, затоа што тој рок зависи од Меѓувладината конференција која ќе го означи почетокот на преговорите и во овој момент е невозможно да се утврди точен датум“, изјави Бомгартнер.
Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров вели дека македонскиот случај е најубедливиот, најдрастичниот тест за кредибилитетот на политиката на ЕУ кон регионот на Западен Балкан. Франција беше земјата која ја блокираше Македонија, а потоа во неколку наврати вето стави Бугарија. Иако се очекуваше дека во декември лани може да се отворат преговори со ЕУ, сепак тоа не се случи.