Ниедна институција од судската и извршната власт во земјата не презема одговорност за обидот за бекство на Сашо Мијалков. Скопското обвинителство чека докази од полицијата за можни осомничени лица, кои му помагале на Мијалков да бега за да покренат постапка за утврдување на евентуална кривична одговорност.
„По наредбите сè уште се постапува. Доколку постапувајќи по издадените наредби, Министерството за внатрешни работи обезбеди докази и идентификува сторители на кривично дело, Обвинителството ќе преземе кривичен прогон согласно своите законски надлежности“, велат од Обвинителството.
Владата е задоволна што Мијалков е дома, а за евентуална одговорност ќе зборуваат подоцна.
„Тогаш кога ќе има конкретни наоди, јавноста ќе биде известена“, велат од владата.
Кривичнио суд исклучува секаква можност информација за притворот на Мијалков да протекла од кај нив.
„Предлогот за притвор е стигнат во судот во недела во 15 часот, а одлуката е изготвена во 18.30. Тоа се, сè на сè, три и пол часа“, вели Иван Џолев, претседател на Кричен суд Скопје.
Од својот дом, Мијалков, утре ќе биде однесен во кривичниот суд за да ја слушне пресудата за „Таргет – Тврдина“. На него полицијата внимава 24 часа за да не избега од дома.
Во зависност од тоа дали судот ќе го прогласи за виновен за прислушувањето и уништувањето на апаратите за следење на комуникациите, обвинителството ќе може да побара затворски притвор за Мијалков до правосилност на пресудата.