Нема нови случаи на мајмунски сипаници во земјава, а ризикот од ширење е мал, велат од Институтот за јавно здравје.

Од таму наведуваат дека епидемиолозите се во редовна комуникација со двете позитивни лица, како и со посочените контакти.

„Двете позитивни лица на MPOX се во добра здравствена состојба. Нема нови суспектни случаи испратени на тестирање и нема нови позитивни случаи на MPOX. Никој од посочените контакти не пријавува симптоми на MPOX“, соопштија од ИЈЗ.

Од таму смируваат дека засега ризикот за ширење на оваа болест во нашата држава останува низок со оглед на брзата реакција и преземените активности од страна на институциите.

„Институтот за јавно здравје, Министерство за здравство, заедно со останатите надлежни институции се во постојана комуникација и координација и остануваат посветени во следење на актуелната состојба како и справување со истата“, велат од ИЈЗ.

Институтот објави препораки до граѓаните на веб страната и отвори две нови линии за консултации на граѓани и здравствени работници.

Воедно ИЈЗ изработи водич за здравствени работници со препораки и патеки на движење за суспектни случаи на MPOX кој беше доставен до Министерството за здравство и од таму проследен до надлежните здравствени институции. Во текот на следните денови ќе биде организирана и онлајн обука за здраствени работници за следење на протоколите.

Текстот Нема нови случаи на мајмунски сипаници, ризикот од ширење е мал, велат од ИЈЗ е превземен од МАКФАКС.