Нема лекарска грешка во третманот на 25 годишниот пациент од Берово кој почина пред еден месец на КАРИЛ по интервенција на заб во Штипската клиничка боленица. Така заклучила стручната комисија формирана од министерот за здравство. Беким Сали вели дека според извештајот кој му бил доставен од Комисијата, на младиот беровчанец навремено му била пружана лекарска помош, но инфекцијата не можела да се спречи.

– Според наодите кои се најдени во институциите и документацијата дознаваме дека се испочитувани сите стручни фази за пружање навремени стручни услуги кон пациентот. Меѓутоа целата компликација настанува поради системско проширување на инфекцијата во целиот организам на пациентот и не можноста за реагирање, смирување или намалување на таа инфекција, изјави Беким Сали, министер за здравство.

Иако преку допис до Министерството за здравство побаравме јавноста да го види извештајот од стручната комисија, не го добивме. Не беа соопштени ниту имињата на лекарите кои го правеле надзорот.

Во Основното јавно обвинителство Штип оформен е предмет со цел да се утврдат причините за смртта на пациентот од Берово кој бил третиран во ЈЗУ Клиничка болница Штип. Јавниот обвинител, согласно член 236 и член 246 од Законот за кривична постапка, на крајот на август издаде Наредба за ексхумација, обдукција и идентификација на телото на починатото лице, која ќе ја изврши Институтот за судска медицина Скопје.

Роднините на починатиот на социјалните мрежи информираа дека тој починал откако добил сепса по дренирање заб во штипска болница.