Попладнево Унијата на средношколците одржала состанок на кој е одлучено да нема протести, но бојкотот на наставата да продолжи и од понеделник. Ваквата одлука доаѓа откако матурантите, како што велат, не наидоа на слух од Министерството за образование, кое не го прифаќа нивниот предлог полагањето на државната матура да се скрати на два, наместо како досега четири предмети. Тие бараат едниот предмет да биде мајчин јазик, а вториот да биде изборен.

Претходно претставникот на Унијата на средношколци Бленди Ходаи во Собранието се сретна со пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ од кои добија поддршка за нивните барања. Ходаи вели дека имаат поддршка и од пратениците на Алијанса за Албанците, а очекуваат такво нешто од сите пратеници. Како што вели тој досега 68 отсто од средношколците ја бојкотирале наставата.

Министерката Царовска неколку пати изјави досега дека не е можно да се прават промени на моделот за полагањето на државна матура во сред учебна година.

Дел од средношколците ја бојкотираат наставата од почетокот на второто полугодие, односно од 21-ви јануари.