И повторените парламентарни избори во Бугарија денеска не успеаја да донесат јасен победник, според излезните анкети. Партијата на водителот Слави Трифонов Има таков народ (ИТН) овојпат има мала предност пред ГЕРБ на долгогодишниот премиер Бојко Борисов, која победи минимално на изборите во април, по кои никој не успеа да формира влада.
Според излезната анкета на „Брима Галуп“, ИТН има 23,2 отсто од гласовите, додека ГЕРБ има 23 отсто. Според „Алфа рисрч“, ИТН има 24 отсто, а ГЕРБ 23,5 отсто.
Третопласирана засега е Бугарската социјалистичка партија (БСП) со 13,1 отсто, а во парламентот ќе влезат уште Демократска Бугарија со 12,8 отсто, ДПС со 11,3 отсто и Исправи се, мафијата надвор со 5 отсто. ВМРО-БНД на Красимир Каракачaнов со 3,3 отсто не го надмина прагот за влез во парламентот.
Ваквиот исход од изборите значи дека повторно ќе оди тешко формирање влада. На партиите на протестот, како што ги нарекуваат ИТН, Демократска Бугарија и Исправи се, ќе им недостасуваат 5-10 пратенички места за да формираат влада. Од друга страна, речиси е невозможна коалиција на ГЕРБ и БСП.