Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски соопшти дека ќе почне постапка за конфискација на нелегално изграден објект на спортскиот аеродром Стенковец во Скопје.
„Во координација со повеќе институции – Министерството за транспорт, Агенцијата за цивилно воздухопловство, Државниот градежен инспекторат и Аероклубот на аеродромот Стенковец – ќе се започне постапка за конфискација на објектот кој е целосно нелегално изграден на државно земјиште“, објави Николоски на својот фејсбук профил.
Тој информира дека ќе биде побарано од Обвинителството и Судот објектот да се одземе во корист на државата, со намера да се стави во функција на Агенцијата за цивилно воздухопловство – за обука на пилоти и други потреби поврзани со воздухопловниот сектор.
Николоски нагласи дека Министерството за транспорт, како институција надлежна за објекти од прва категорија како аеродроми, болници, универзитети, спортски сали и стадиони, „сериозно пристапува кон решавање на проблемот со нелегално изградени објекти“.
„Ова е јасна порака дека нема да се толерира нелегална градба на места каде што Министерството и Државниот градежен инспекторат имаат надлежност“, заклучи вицепремиерот.
Текстот Нелегален објект на аеродромот Стенковец, Николоски соопшти дека ќе бара конфискација е превземен од МАКФАКС.























