Владимир Перев
Полека навлегуваме во втората половина од месец јануари, со нетрпение очекувајќи го крајот на овој долг и финансиски оптоварен месец. На Водици ќе завршат големите чествувања околу Рождеството Христово, ќе завршат познатите “некрстени денови“ и животот ќе се врати во некаква нормала.
Некрстените денови се дел од нашето, христијанското битие, денови на карневали како Вевчанскиот, денови на прослави со игри, многу алкохол и пеење на погрдни, навредливи песни, од чија содржина не се поштедени ни светците на христијанската вера. Тоа се однесува, како на нас-источноправославните, така и на католиците и протестантите. Во нашата, “југословенска“ младост, често деновите “некрстени“ меѓу 25 декември и 7 јануари (по грегоријанскиот календар), многу од нас ги поминуваа во Далмација и таму, со многу вино, гитари и целоноќни седенки ги пееја безобразните песни од типот “кад је света Ана, пала са балкона, набила се на к***ц светога Антона…“ и така натаму…убави времиња на една младост. Време на верска неказнетост и државна толеранција! Во Далмација и денес, во ова ново време, ситуацијата е непроменета. Како е кај нас?
Веќе одамна престанавме да ги чествуваме “некрстените“ денови. Остана само Вевчанскиот карневал, ама тој има повеќе политичка, отколку општествена нота. Веќе нема собиранки по куќи и нема пеење “безобразни“ песни…навистина, има вино ама тоа служи како гориво за нашиот безкраен и стерилен патриотизам, за нашето чувство за татковината и историјата, толку често нарекувано “патриотарство“. Тоа сме ние, во новото, нашето време.
Имаше едно не баш мало друштво кое седеше во “Пелистер“ (“Дал Мет Фу“) или во “Лондон“, компанија на постари и образовани луѓе. Ги “крштеваа“ како “бугараши“, ама ним им беа јасни сите собитија од поновата македонска историја…некои од нив беа и учесници во креирањето на историјата. Тогаш, малкумина овде, во Скопје па и во Македонија знаеја која е Мара Бунева. Таа беше нешто како мит, легенда со нејасна идентификација и матни визии, но со јасна слободарска определба. Така беше и со ликовите на Ванчо Михајлов, Владо Черноземски, ММТРО и ред дуги патриоти.
Без лажна скромност, но и без било каква гордост, треба да кажам дека јас бев првиот кој во неделникот “Фокус“ (по 1995, па се до 1999 год) објави ред статии и есеи за нив. Првиот воопшто во Република Македонија по 1944 година. Редакцијата на “Фокус“- Никола Младенов, Исо Руси а најмногу Зоран Димитровски во секој миг, по секој објавен текст, стоеја цврсто и непоколебливо до мене како автор. Само така можеше да се издржи притисокот на посткомунистичките идеолошки и полициски олигарси, кои сакаа да наложат одново и одново, југословенски прочит на македонската историја. Тоа треба да се каже, да се знае и да не се заборава. Ова би било и признание до нив, безразлично дали и каде се во вој миг, или дали се сите меѓу нас, во нашиот овоземен свет.
Потоа дојде времето на Љубчо Георгиевски, Доста и Брат Љубе – време на смирување на страстите и нужна пресметка со илузиите од колишевистичкото минато и неговите лажни вредности. Знаеме како заврши тоа време, за пак да дојде “бранковизмот“ и стерилните идеали од минатото. И во тоа љубчовистичко и бранково време, митовите за Мара Бунева и Владо Черноземски останаа непоклатени, дури и се развиваа дополнително. Чествувањата беа редовни, непречени од никого.
Доаѓањето на “груевизмот“ и неговата антиквизација, значеше возобновување на идеалите на колишевизмот од 1945 година, отворање на нови страници на фалсификуваната историја. Македонизмот не беше само патриотско чувство, тоа стана должност на сите во оваа наша мала и бедна држава, а фалсификаторството, македонизирањето, стана должност на секој кој знае да напише неколку реда, безразлично дали е академик, или обичен носител на акаунт на фејсбук…секој “од портирот до министерот“ ја бранеа историјата и писменоста на овој народ, од пред 20 илјади години до денес, придавајќи си ролја на основачи на светската цивилизација. Лидерот, но и оние околу него, имаа погрешна претстава за сопствената ролја и ролјата на нашиот народ во светската историја. Така почна македонизирањето на сѐ и сешто кое битисувало на македонската територија. Почна од Алксандар Македонски, преку некаков Аминта Не Знам Кој, па се до Ванчо Михајлов, Александров и со Мара Бунева. Плочите на Кејот беа редовно кршени, венците спалувани, се до моментот кога некои македонски “патриоти“ не поставија своја плоча со нејзиното име…но тоа не беше крајот. Груевизмот не бараша само поклонение и признание, тој бараше вулгарно македонизирање на душата на поклониците на Мара Бунева и на ТМОРО/ВМРО воопшто!
Идеолошкото и националното насилие најчесто завршува со физичко насилие. Духот на “некрстените денови“ и неказнетите вербални гревови, се претвори во физичко насилие, уште во 13-14 јануари 2006 година, кога група симпатизери на тогавашната власт, преку ботовите на социјалните мрежи и телефонските броеви доделени од Владата, повикуваа на насилие против поклониците на делото на Бунава, на панахидата во црквата “Св. Димитрија“. Активистите на античката држава ги проследија со псовки и вербални навреди учесниците на панахидата, а физичкото насилие беше едвам избегнато! Македонската држава не реагираше, а Бугарија молчеше, иако имаше навреди упатени до бугарската држава, народот и бугарските раководители. Тоа можеше јасно да се види и во пристрасните програмски целини на некои радија и телевизии.
Следната, 2007 година беше клучна во отворањето на процесот “Мара Бунева“. Орда млади непрокопсаници, политички и национално необразовани, поттикнувани од актуелната власт, се нафрли на поворката постари луѓе на Кејот на Вардар и физички се пресмета со нив. Тепани беа некои и од помладите, како например Мирослав Ризински, некои на средни години како Драган Поповски-Попе, но и старци како Панде Ефтимов, Коле Рошев, познатиот Јове Рибарот од наместената афера “Радко“, сопрузите Георгиеви од Битола и ред други. Тоа беше политичкото дно на вулгарниот, насилствен македонизам. Меѓу присутните имаше и бугарски државјани. Бугарската дипломатија поднесе нота до македонското МНР, ама на сите им беше јасно дека тоа е “гола вода“. Сите знаеја дека процесот на реконструкција на историските факти е незапирлив, а странските служби се уверија од неопходноста на промена на власта. Сепак, времето сѐуште не беше дојдено. Дури и “заминувањето“ на Груевски не означи пад на груевизмот, тој се држи и до денешен ден по сите правила на инерцијата и мрзливоста на духот на луѓето…нормално, никој не сака да се сретне со себе сѝ!
Потоа дојдоа промените во Бугарија. Си замина од власт безличниот Прванов и дојде енергичниот Румен Радев, дојдоа Захариева и Генчовска во бугарското МНР и се отворија нови процеси меѓу бугарските медии…сите до еден во подршка на правата на македонските бугари и подршка на историските и револуционерните традиции на бугарското племе во Македонија.
Оваа година, во овие “некрстени денови“ ни дојдоа Ангел Џамбаски и Костадин Костадинов. Го кажаа тоа што имаа да кажат и си заминаа…си заминаа дома, таму да си пејат од песните за некрстените денови и да пијат вино. Вообичаена слика на бугарските “заминувања“ во 1918 и 1944 година. Останавме ние овде, да слушаме за она што било речено од нив, за она што не било речено и за она што не рекле ама мислеле. Пак се јавија сите, од Премиерот до последниот новинар во некој локален портал. Викови до небо, те не чинеле, те не ги бивало, националисти и слични глупости на немоќните како нас! Што требаше да кажат, дека “Македонија е на оваа и било која властсо центар во Скопје, а бугарите кај вас тепајте ги и колете ги“…тоа ли требаше да речат. Имаше еден таков, Александар Стамболиски, такво нешто кажа во Ниш, па затоа и си ја заслужи судбината во 1923 година! Па што си мислевме, дали заслуживме некој подобар од нив да дојде овде…ги чекавме ли Гутереш или Фон Дер Лајен? Да, има и такви, многу подобри од нив, пристрасени кон меѓусебно разбирање и соработка. Ама тие не сакаат да доаѓаат во земја во која старци биле тепани во некрстените денови, само заради тоа што сакале да оддадат почит на една жена – конспиратор, атентатор и саможртва. Нам ни остануваат Џамбаски и Костадинов. Ако и тие не се појава, тоа значи дека сме тотално отфрлени од европската политичка сцена! Тоа ли го бараме?
Проблемот со признавањето на чинот на Мара Бунева и Владо Черноземски ќе се влече уште долго време низ нашите политички и национални пространства. Тоа е проблем на погрешно разбраниот идентитет, тоа е фактот дека тие не се југомакедонци, ами македонци од бугарскиот етнички комплекс. И конечно, не убиле било кого, убиле еден висок српски полициски функционер и еден српски крал, и двајцата џелати на македонските бугари. За југомакедонството/србомакедонството, тоа се непростливи гревови.
Знам дека догодина никој од “старата гарда“ нема да оди на чествувањето за Бунева. Најдобро е да дојдат пак Џамбаски и Костадинов, па нека седнат во некоја од кафеаните на Кејот и нека си кажат што имаат, заедно со некои припадници од овдешната власт. Да не слушаме по телевизиите…ние треба да ги одбегнеме непотребните главоболија.
За себе знам…ќе седам во “Пелистер“ со Бране и ќе си пијам од ракијката…треба да слушам џез, наместо убавите “некрстени“ песни…ама и тоа е подобро од патриотски и патриотарски (бугарски и македонски) говори и одговори на говори!
Слава на Бунева и на другите македонски херои и нивната саможртва!