Пишува: Биљана Секуловска/ 25 минути
Не е добро да има протести. Не се препорачува. Нека се наречат собири, никако протести. Што има да се протестира после ваква трагедија како оваа во Кочани? Тоа не е добро за властите. Нека биде тишина.
Нека замолчат сите. Попаметни се кога глас не испуштаат. Како зомби нека се движат со свеќите и нека се молат на бога. Само тој може да им помогне. Никој друг. Не државата, не Владата, не институциите. Ништо не функционира тука. Само корупцијата. Таа е најплодна кога сите молчат и гледаат надолу. Или евентуално нагоре, кога го повикуваат бога.
Мора да има тишина. Да замолчат сите после трагедијата во Кочани. Исто така е исклучително важно медиумите, односно новинарите да замолчат. За нив е најпрепорачливо да заќутат засекогаш. Обични лешинари, кучиња на војната, бараат правда и светлина онаму каде што не може да ја има. Тоа онаму- тоа е оваа земја. Затоа е најдобро да не покажуваат слики, да не прашуваат и пишуваат за ништо. За тагата, за болката, за гневот и бесот, кои се зголемуваат кога ќе ги слушнете луѓето.
Но, не смеат ни да ги покажат сликите, за да не ги видите, за да не ја разберете таа болка, тоа распаѓање на телото на мајката и на таткото. На најблиските, на семејствата. Кога ќе ја видите смртта со слика, тогаш разбирате што навистина се случило. Ковчезите во Сребреница. Ковчезите во Украина, секојдневно. Ковчезите во Газа, секојдневно. Сетете се на ковчезите во време на Ковид, оние слики и видеа од Италија. Сѐ додека не се ваши, не може да ве погодат исто како своите.
Мора да има мрак и тишина за ковчезите во Кочани. Така луѓето нема да знаат ништо и полесно ќе им биде. Туѓите ковчези кога ги гледаат низ светот не се нивни. Секогаш е полесно кога не е свое. Не можат да ги погодат исто како нивните. Така и болката и емпатијата е помала, а со тоа и се намалува и бесот кон властите. Тоа и нивната идеја, зошто треба да се молчи. Секогаш е полесно кога не е свое, твое. Не може да ги погоди туѓата несреќа кога не ја гледаат. Така и болката ќе биде помала, а со тоа и бесот на властите. Тоа е и идејата, зошто треба да се молчи.
Тогаш кога се стресувате, тогаш вашиот мозок ги процесуира докрај информациите. Тоа се нарекува едноставна психологија на масите, на луѓето. Тоа е и дефиницијата на моќта на медиумите, кои имаат обврска и должност да ја соберат и потоа да ја пренесат информацијата. Но, тоа не е доволно. Моќта на информацијата се шири уште повеќе со сликата, не само затоа што не верувате сосема до крај сѐ додека навистина не чуете. Таа целосно може да се потврди, сосема, кога ќе ја видите информацијата со своите очи. Затоа за властите се неопходни очите ширум затворени. Затоа ништо не треба тука да се види и да се знае. Она на што новинарите не смеат да се согласат, доколку навистина ја знаат својата работа, мисијата за поправедно општество, каде луѓето ги имаат сите информации и со тоа носат вистински, најдобри одлуки, како активни учесници во општествените процеси.
Ете, затоа се препораките за тишина, тоа е она што ѝм треба на автократски власти. Тие се оние кои не сакаат да видите како се умира од корупција. Од немарност, од незаинтересираност, некомпетентност, неработење, од функции кои се добиваат само заради привилегии. Сѐ додека молчите, тие функции ќе бидат единственото нешто што ќе опстане во оваа земја. Тука луѓето нема да преживеат. Ќе нѐ требат еден по еден, сѐ додека немо ги гледаме оние кои се избрани и платени да бидат функционален сервис на граѓаните.
Тоа требење, тоа елиминирање ќе постои сѐ додека се согласуваме да молчиме. Сѐ додека не дојде до денот- да се замолчи засекогаш, под студената плоча. Таму е најсигурно дека никој нема да проговори.