Неисплатени или намалени плати, притисок врз работниците да потпишуваат спогодби за престанок на работниот однос, злоупотреба на државната помош за исплата на плати и непочитување на Законот за безбедност и здравје при работа, се дел од прекршувањата на работничките права со кои работниците годинава ќе го прослават Меѓународниот ден на трудот.
Двата најголеми синдикати, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), во изјава што МИА ја побара по повод 1 Мај, посочуваат дека во изминатите две години евидентено е кршењето на работничките права уредени со Законот за работни односи и со колективните договори. Забележан е притисок врз вработените да потпишуваат бланко спогодби за престанок на работа, упатување на принуден одмор, непочитување на протоколите за заштита од Ковид-19, а неретки се и случаите на трансформација на работниот однос од неопределено на определено време.
– Од почетокот на здравствената криза, правната служба на ССМ по пат на совети, изготвени правни мислења, толкувања, приговори, тужби и директно постапување пред надлежните органи, обезбеди заштита на работничките права во компании кои вработуваат над 80.000 вработени, наведува ССМ.
Над 40 проценти од обраќањата на работниците кои минатата година побарале правна помош од ССМ се за неосновано намалени и неисплатени плати, додатоци на плата и регрес за годишен одмор, а исто толкав е и процентот на обраќања за отказ од работа.
Од Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) велат дека пандемијата уште повеќе придонела за злоупотреба на законите и прекршување на правата на работниците, но според нив, затаиле и инспекциските служби.
– Мораме да истакнеме дека институциите на системот кои треба да ги заштитат работниците одговорни за законите од трудовото право целосно затаија, пред се тука мора да го споменеме Трудовниот инспекторат кој немо гледа на крешењето на работничките права, пропишани со закони и колективни договори, истакнува КСС.
Двата најмногубројни синдикати по своето членство бараат да се признае и Ковид-19 како професионално заболување за сите работници, а на заболените работници да се исплаќа 100 проценти плата.
Меѓународниот ден на трудот традиционално се одбележува со синдикален марш на кој се испраќа порака за зачувување и унапредување на работничките права.
Годинава, поради пандемијата очигледно ќе изостане традиционалниот првомајски марш. Од Сојузот на синдикати на Македонија најавуваат дека Денот на трудот безбедно ќе го одбележат пред зградата на ССМ од каде ќе испратат порака дека силата на работниците е кога тие се ЗДРУЖЕНИ СО ИСТА ЦЕЛ за заштита и унапредување на работничките права.