Без резултати се преговорите со Владата за усогласување на платите на вработените во градинките и во образованието со зголемената минимална плата во државава и со колективните договори, соопшти Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК). В сабота ќе заседава Советот на СОНК и ќе бидат донесени заклучоци за идни чекори врз основа на пораките и очекувањата на членството на СОНК, кое е револтирано, рече претседателот на Синдикатот, Јаким Неделков.
Тој денеска на прес-конференција информираше дека имале средби со ресорните министри за образование и за труд и преговорите ги продолжиле во Владата, но нема конкретен одговор на побарувањето на СОНК, ниту понуда на процент на усогласување односно зголемување на платите во дејностите образование и детска заштита.
Според закон, со зголемување на минималната плата треба да се зголемат и останатите плати за работни места со различен коефициент на сложеност. Минималната плата, почнувајќи од мартовската треба да изнесува 18 илјади денари.
СОНК не ја знае точната сума што е потребна за усогласување на платите во образованието, но, рече, таа е „нешто повеќе од потрошените средства за набавка на автомобили минатата година“.
На прашање зошто СОНК не е на иста линија со Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Неделков одговори дека ССМ не бил заинтересиран за усогласување.