„Недела на виното” почнува од утре во општина Неготино, во чест на верскиот празник  „Свети Трифун”, што се смета за заштитник на градот и лозарите и винарите, информираа денеска од Службата за односи со јавноста при неготинската локална самоуправа. Оттаму појаснија дека на неколкудневната агенда се повеќе интересни настани.

– Традиционално, оваа манифестација ја стартуваме со утрешната дегустација и оценување најдобри вина и ракии од индивидуални производители, во рамките на натпреварот за најквалитетни производи од грозје. Дегустацијата и изборот на најквалитетните вина и ракии ќе ги врши стручна комисија, составена од докажани кадри од Здружението на енолози, а општината Неготино за најдобрите обезбеди пригодни награди, соопштија од прес-службата при локалната самоуправа.

Централниот настан е во среда на 14 февруари на „Свети Трифун”, а во сабота на 17 февруари во Долни Дисан ќе се одржи треил трка за вино и љубов.