Русија ќе ја окупира Украина ако е убедена дека тоа нема да предизвика тешки последици по руските интереси, тврди аналитичарот Бесим Небиу во интервју за ТВ Шења и порталот zoom.mk, коментирајќи ја ескалацијата на односите меѓу Западот и Русија околу Украина.
Небиу смета дека Русија ќе победи во нејзините намери ако Западот ја остави осамена Украина и во евентуалниот договор со Кремлин ги жртвува нејзините евроатлански аспирации.
„Русија во 2014 година окупираше украински територии. Сега е различно поради западното вклучување, посебно администрацијата на Бајден, која јасно има поставено црвени линии на Русија и има конкретен ангажман и дава воена помош за Украина“, објаснува Небиу.
Тој смета дека загриженоста на Русија дека со членството на Украина ќе се загрози нејзината безбедност е нереална затоа што ако Западот има намера да ја нападне Русија има други можности, а не да ја користи украинската територија.
Според неговите предвидувања Русија ќе претрпи пораз ако конфликтот се претвори во голема војна, но ако конфликтот остане локален, тогаш Москва ќе биде победник и ќе охрабри да го шири со сила нејзиното влијание и во други региони.
Во врска со користењето на рускиот гас како оружје, Небиу вели дека Русија учествува во снабдувањето на европскиот пазар на гас со 40 отсто и манипулира со доставата на количествата на енергенси со цел да предизвика недостаток на пазарот и да поскапи цената на гасот на европските пазари.
Зборувајќи за опасноста војната во Украина да предизвика нови војни во Балканот, Небиу не верува дека Србија ќе влезе во воени авантури како во 90-тите години, туку Белград со кревањето на тензиите во Босна, Црна Гора и Косово има за цел да го пренасочи вниманието на јавноста од внатрешните проблеми на режимот на Вучиќ.
„Русија нема аспирации да доминира на Балканот, туку се обидува да го одржи статус квото и да спречи поголема интеграција на регионот во ЕУ и НАТО. Колку повеќе кризни жаришта во Балканот, толку подобро за Русија“, вели Небиу.