Можна е предизборна коалиција на СДСМ и ДУИ за следните парламентарни избори, со оглед на тоа што двете партии веќе имаа предизборна коалиција на локалните избори, одговара граѓанскиот активист Бесим Небиу, прашан во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат дали во калкулациите за идните случувања треба да се земе предвид и таква опција.
„Доколку бројките и прагмата е таква, овие партии можат да направат предизборна коалиција. Се разбира, тоа е нешто што не можеме да го предвидиме денес“, вели Небиу.
Тој вели дека со оглед на предноста на ВМРО-ДПМНЕ на анкетите, нормално, легитимно и кредибилно е опозициската партија да сака да се врати на власт што побрзо, па оттука и актуелната стратегија со активната блокада во Собранието.
„Овие блокади се одредено дежаву, не се иновативен начин. Но, им овозможува на помалите партии од владејачката коалиција да вршат притисок и тоа го видовме, оваа недела почнаа да прават притисок, со барање за промена на изборниот модел, сигурно има и полукративни барања од оние што учествуваат во Владата. Така што, верувам дека оваа стратегија е за да се создадат понатамошни пукнатини во владината коалиција со цел изборите да бидат неизбежни, особено во случај кога нема да има повлекување на ветото во ЕУ во јуни. Тогаш би било неодржливо владеење на ваква коалиција“, изјави граѓанскиот активист.
Според Небиу, анализата на резултатите од анкети не покажува раст на ентузијазмот на гласачите кон ВМРО-ДПМНЕ, туку намалување на ентузијазмот на потенцијалниот гласач кон СДСМ.
„Значи, СДСМ има изгубено значителен процент на гласачкото тело поради начинот на кој владеел, а ВМРО-ДПМНЕ нема додадено нови гласачи надвор од социјалните групи кои секогаш ја гласаат. Па, иако се бројките такви во анкетите, тоа не значи дека идните избори би создале неминовно таква идна ситуација на политичката сцена“, оценува Небиу.