Благодарение на интернетот и брзото ширење на информациите, постојано наидувате на необични, некогаш застрашувачки приказни поврзани со омилените видови храна и пијалаци. Но, не се сите вистинити.
Колку и да изгледаат луди, овие приказни привлекуваат илјадници луѓе кои ги читаат, потоа ги споделуваат и најчесто продолжуваат да „живеат“ како вистинити. Како на пример кока-колата – ако им верувате на некои извори на интернет, пиејќи од овој газиран пијалак буквално си препишувате смртна казна самите на себе. Ако може овој газиран пијалак преку ноќ да отстрани ’рѓа, да го распадне месото кое е потопено во неа цел ден, тогаш што ли му прави на вашето тело? Вистината е дека кока-колата не содржи повеќе киселина од вашиот омилен сок од портокал и умереното повремено пиење нема да ви направи никаква штета.
Мит – шест банани содржат смртоносна доза калиум
Вистина – хиперкалемијата, состојба која се карактеризира со високо ниво на калиум во крвта е опасна и бара медицински третман. Таа најчесто може да се случи ако неконтролирано подолго време внесувате големи количини суплементи со калиум. Но, предозирање со јадење банани не е можно, освен ако изедете 400 банани на ден. Според нутриционистите, дневна дозволена доза калиум е 3.500 мг за возрасни, што значи можете да изедете дури 7 и пол банани и пак да не бидете загрозени.
Мит – потопете свинско месо во кока-кола и почекајте од него да излезат црвите
Вистина – ова всушност е комбинација на два мита – едниот за црвите во месото. За да има во свинското месо црви, односно се мисли на ларви од тихинелоза, тоа треба да е купено од небезбеден извор. Кога купувате од месарница, месото мора да е прегледано и да има печат дека е здраво за исхрана. Така што, тешко веројатно е дека во секое свинско месо има ларви од трихинелоза. Другиот мит е за кока-колата – дури и да е вистина дека таа влијае загрозувачки за ларвите, нема ни да знаете дали излегле од него, бидејќи тие се со микроскопска големина.
Мит – маргаринот е, всушност, пластика
Вистина – ова воопшто не е точно. Стручњаците објаснуваат дека маргаринот и пластиката имаат слична хемиска структура, но истото може да се каже и за путерот и за кои било други масти што ги внесуваме секој ден. Сепак, варијациите во молекуларниот состав овие продукти за исхрана ги прават далеку од пластика. Едноставно во хемијата една мала разлика во молекуларната структура значи голема разлика.
Мит – бургерот од „Мекдоналдс“ не се распаѓа
Вистина – не е точно, овој сендвич се расипува исто како секој друг сендвич. Единствената разлика е што сендвичите на „Мекдоналдс“ се дехидрирани и суви по изработката, а за да почне да се распаѓа некое јадење, потребни се влага и топлина. Па, ако го оставите сендвичот во хартиена ќеса, тој ќе почне да се суши, но сепак по неколку денови нема да е безбеден за јадење. Но, ако го ставите во најлонска ќеса, на топло, тој исто како секој друг сендвич ќе почне да фаќа мувла и да се распаѓа.