Патниот сообраќај кон Беровско Езеро е во целосен прекин поради врнежите од снег и паднатите дрвја поради што од Центарот за управување со кризи (ЦУК) објавија вонредна информација со порака граѓаните, кои планирале, да не тргнуваат на пат.
Оние кои моментално се наоѓаат таму, пак, ако имаат потреба од храна и лекови ЦУК ги повикува да се јават на бројот за итни случаи 112 по што општинските служби ќе им достават што е потребно.
Конкретно станува збор за патниот правец од Берово кон Абланица и Беровско Езеро.
„Дирекцијата за заштита и спасување и полицијата имале координативен состанок во Берово и било одлучено сите лица кои моментно се наоѓаат кај Беровско Езеро да не тргнуваат да патуваат, а ако имаат потреба од храна и лекови да контактираат на 112 и да ги кажат нивните потреби, по што Општина Берово ќе интервенира преку нивни луѓе да им достават што им е потребно“, велат од ЦУК.
Беровското Езеро е популарно туристичко место во земјава и викенд дестинација за дел од граѓаните.
Колку лица во моментов се „заробени“ таму, од ЦУК во моментов немаат информација.