Повеќе од 300 момчиња спасени од заложништво во северозападна Нигерија беа предадени на нивните родители во главниот град Абуџа, во петокот.

Вооружени моторциклисти киднапираа стотици студенти во државата Качина минатата недела. Тие беа спасени во четвртокот вечерта, за во петокот наутро веќе да ги раскажат нивните застрашувачки искуства од ужасот кој го преживеале. Зачудени, боси, покриени со ќебиња и прашина, момчињата пристигнаа со добро обезбедени автобуси кон владината зграда именувана по нигерискиот претседател Мохамед Бухари.

– Не однесоа во шумата, пешачевме два дена, немавме што да јадеме, не претепаа – изјави 14-годишната Муртала Сале за Си-Ен-Ен.

– На оние на кои што им се слоши од глад, ги издвојуваа и им даваа храна – додаде тој.

Момчињата беа киднапирани на 11 декември, во нападот на средното училиште „Канкара“. Нигериската армија, доцна во четвртокот, спаси вкупно 344 момчиња, кои потоа беа примени од гувернерот Амину Бела Масари. Според Си-Ен-Ен, момчињата молчеле пред микрофоните додека Масари им се обраќал на новинарите.

Ослободени момчињата киднапирани од Боко Харам/Фото: EPA-EFE/STRINGER

– Би сакал да ја искористам оваа можност да и се заблагодарам на севкупниот безбедносен апарат за напорите кои што ги дадоа. Што се однесува до родителите, треба да му се заблагодариме на Алах за неговата милост, никогаш не сме изгубиле надеж – рече тој, додавајќи дека ова е ден за паметење на државата и момчињата.

Еден од киднапираните ученици, 13-годишниот Џамил Сулејман, ја потврди информацијата дека со денови шетале во шумата со киднаперите.

– Тие обично им даваа пушки и стапови на помали деца за да не тепаат … Ни дадоа леб и еден колач со кикирики за целиот ден – рече Џамил.

Ашира Малумфаши, татко на еден од киднапираните ученици, рече дека е во шок од киднапирањето и условите во кои се наоѓале децата.

– Но, од начинот на кој владата покажа загриженост, ние може да сме им благодарни и да се надеваме дека тоа нема да се повтори – рече тој.

Таткото на друг ученик рече дека не може да објасни низ колку траума поминале родителите по киднапирањето.

Мојот син се вика Али Бухари. Повеќе не го враќам на училиште – рече тој.

Портпаролот на гувернерот Масари, Абду Лабаран, во четвртокот изјави дека исламистичката група Боко Харам не учествувала во киднапирањето, туку разбојници маскирани во терористи. Претседателот Бухари преку Твитер го поздрави ослободувањето на децата.

Се уште е нејасно дали има уште заробени деца/ Фото: EPA-EFE/STRINGER

„Ова е големо олеснување за целата земја и меѓународната заедница“, рече тој и ги замоли граѓаните да бидат „трпеливи и фер“ кон владата, која се најде под остри критики за нејзиниот постојан проблем со безбедноста.

Си-Ен-Ен потсетува дека на почетокот на неделава, човек кој тврдел дека е Абубакар Шекау, водачот на фракција во Боко Харам, обајвил кратка аудио порака и видео во кое се гледаат децата и изјавил дека неговата група е одговорна за киднапирањето. Меѓутоа, Масари отфлајќи го ова тврдење изјавил дека се работи за „локални разбојници“ кои го имитираат неговиот говор.

Агенцијата на Обединетите нации за обезбедување хуманитарна помош на децата, УНИЦЕФ, објави дека децата се премногу често мета на напади во Нигерија.

„Овој инцидент е вознемирувачки потсетник за големиот данок што го носи насилството врз цивилите во северозападна Нигерија, вклучувајќи ги и децата“, рече претставникот на Агенцијата за Нигерија, Питер Хокинс.

Иако киднапирањата заради уцени се се почести, залошништва од вакви размери не се паметат во државата Кацин. За потсетување секогаш ќе остане брутално киднапирање на 276 девојчиња од училиште во северозападниот град Чибок во 2014 година, за што беше одговорен Абубакар Шекау, водачот на Боко Харам. Повеќе од 100 од тие девојки никогаш не се вратиле во своите домови.

Многу детали за последното киднапирање остануваат нејасни, вклучително и кој е одговорен, дали е платено киднапирањето, како е обезбедено ослободувањето на децата и дали сега сите се безбедни.

Едно од момчињата, кое не сакаше да го каже своето име, рече дека киднаперите им порачале да ги опишат како членови на Боко Харам. Но, тој истакна дека се сомнева дека се само вооружени разбојници.

– Не тепаа наутро и навечер. Многу страдавме – рече тој за нигериската телевизија „Арајз“.

– Најпрво не држеа сите на исто место каде што нè киднапираа, но кога го видоа борбениот авион, ја сменија локацијата и нè скрија на друго место. Ни дадоа храна, но многу малку – изјави за Ројтерс друго, неименувано момче.

Секое учество на Боко Харам во киднапирањето во Качина би значело географско проширување на активностите на групата од нејзината база во североисточна Нигерија, посочува Јаху њуз.