Кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, кој наспроти очекувањата, не победи во прв круг, вели дека уште денес ќе продолжи да работи на конечна победа. Ќе им понуди соработка на сите кандидати кои не влегуваат во вториот круг, а со противникот нема да се занимава оти смета дека го нема.
„Уште од денес ќе разговарам со сите кандидати и политички структури кои не влегуваат во вториот круг. Ќе понудам соработка затоа што на Скопје му треба работа, а не политика. Тимот кој ќе го води Скопје ќе биде составен исклучиво од најдобрите. Овој град изгуби премногу време во експерименти. Доста е. Да засукаме ракави и да покажеме дека треба работа“, рече Ѓорѓиевски.
Во вториот круг очекува поддршка од сите граѓани без оглед на политичките партии оти првиот круг покажал недвосмислена победа.
„Јас очекувам да ме поддржат сите граѓани на главниот град. Јас не водам политика, работник сум и сум човек од народот. Нудам подадена рака. Трипати поголема е мојата предност од секој што е зад мене. И дома, во местото каде што живеат, три спрема еден е мојата победа. Очекувам да расте, на скопјани им е доста од експерименти“, вели Ѓорѓиевски.
Негов противник во вториот круг е Амар Меџиновиќ од Левица со кого вели дека нема да се занимава исто како што не се занимавал и досега со противниците.
„Освен што нудев проекти во првиот круг, не се занимавав со противниците. Некои од нив се осудија и семејството да ми го нападнат, но тоа е ниво на политика кое нема да го видите од моја страна. Тука сум за проблемите на граѓаните, а не за лични битки. Не сум фокусиран на противникот затоа што противник и немаме, јас сум фокусиран на народот, што повеќе раце да стиснам во вториот круг, што повеќе граѓани да сретнам, да им ја објаснам визијата за следните четири години. Одиме поагресивно на терен и се спремаме за средување на хаосот во Скопје“, рече Ѓорѓиевски.
Од дното на срцето им се заблагодари на скопјани за секој глас во првиот круг и кажа дека во вториот круг очекува уше поголема победа.
Ѓорѓиевски освои 39,43 % од гласовите односно 91.612 гласа. Зад него е Мециновиќ од Левица со 13,20 % од гласовите, односно 30.662 гласа.