Што ги поврзува Кристина Бошнакова, Каролина Аврамовска, Нина Дуковска, Снежана Василевска и Андреј Стојановиќ? Страста кон готвењето. Овие четири дами меѓу кои не случајно „залутал“ и еден маж, се основачи на групата „Храна и рецепти“, која „жари и пали“ на социјалните мрежи, а која функционира на релација Скопје-Гевгелија.
„Храна и рецепти“ е место каде што се сретнуваат оние што се разбираат од кулинарски работи, или пак, едноставно сакаат да откријат нови рецепти, за луѓе кои сакаат здрава храна, за оние на кои им се потребни совети или пак, за оние кои се во потрага по интересни приказни во кујната. Тука може и да си ги пофалите вашите гастрономски креации, а може и да се забавувате земајќи нови идеи од современите или „старомодните“ готвачи.
Кому е наменета вашата фејсбук и инстаграм–група „Храна и рецепти“ и со каква идеја ја основавте?
Кристина Бошнакова: Групата постои подолго време, ама не беше многу активна. Како тим што обожава да е во кујна, решивме да ја обновиме групата и да ги постираме нашите рецепти. Убаво беа прифатени од членовите и за неполна година од група со 1.200 членови сега брои над 17.500 членови. Љубовта кон кујната, готвењето и храната е нашата заедничка особина што доведе до создавање на групата „Храна и рецепти“. Брзото темпо и современиот начин на живот прават луѓето да консумираат брза храна или храна подготвена надвор. Не само што е помалку здрава од домашната, туку таквата храна честопати е спакувана во пластика, што значи дополнително создавање отпад. Со промовирање на интересни рецепти во нашата група, придонесуваме да се разбуди интерес и желба за готвење дома. Така, ем поздраво се храниме, ем во поздрава околина живееме.
Како се собравте, дали претходно се познававте, освен љубовта кон гастрономијата, што ве поврзува?
Каролина Аврамовска: Нашата заедничка љубов кон гастрономијата е мотив за формирање на групата. И покрај тоа што сите имаме различни интереси и професии, заедничко за сите нас е страста кон готвењето. Ние се познававме уште пред да започнеме да ја водиме групата, меѓутоа групата придонесе да ги зајакнеме познанствата и да стекнеме нови пријателства. Искрено, на почетокот немавме идеја дека „Храна и рецепти“ ќе достигне толкав успех, со голем број следбеници и поддржувачи. Секојдневно учиме нови работи во областа на гастрономијата и многу сме среќни што нашата страст ја насочивме кон поттикнување голем број луѓе да го засакаат кулинарството.
Според идеите што ги разменувате со посетителите на групата, за каква гастрономија се моментно расположени Македонците, што сакаат да јадат, да готват, за што најмногу се интересираат?
Нина Дуковска: Според идеите што ги споделуваме со нашите членови може да заклучиме дека македонскиот народ е расположен за најразлични видови храна. Во нашата група секојдневно се објавуваат многу постови, од посни јадења до најразлични специјалитети и може да кажеме дека сите рецепти се прекрасни и убаво прифатени меѓу сите членови. Најчесто што се објавува во нашата група се традиционалните јадења како полнети пиперки, грав, чорби, пастрмајлии и различни јадења со месо. Исто така често се објавуваат месените јадења како пити, буреци, кифлички, лиснати пецива, пици и десерти како што се торти и колачи.
Дали е актуелен ретро–трендот, односно рецептите од кујните на нашите баби и прабаби?
Снежана Василевска: Мирисот на зготвеното јадење од баба има преголема вредност за секој од нас. Верувам дека на сите ни е мил споменот кога се правел зелник или тегната пита и кога ќе се потсетиме како во детството со баба јадењата сме ги подготвувале на шпорет на дрва. Денес немаме доволно време често да ги правиме јадењата на нашите баби и прабаби, но секогаш кога ќе ги почувствуваме тие ароми и вкусови, знаеме да ја препознаеме разликата.
Какви се гастрономските трендови за 2021 година?
Кристина Бошнакова: Како што може да се види по социјалните мрежи, најпопуларни за оваа година се уникатно изработените путер колачиња или колачи со кралска глазура. Колачињата се специфични и поразлични од другите и може да се направат по желба и замисла. Можат да бидат декорирани како цртан лик, може да имаат свадбен, роденденски или празничен мотив како за Велигден и Нова година или пак, љубовни декорации за Денот на вљубените. Сепак, може да се изработат за каков било повод. Исто така, тренд се и многу се барани декорираните срциња што личат на торта и се кршат со чеканче, а внатре кријат некое изненадување, како колачиња, некој друг десерт или пак имаат некоја посвета. Многу се популарни и јаготките што ги ставаат во различни чоколадни, овошни или други преливи во различни бои и се многу уникатни и посебни.
Идеја за енергетски појадок:
овесни снегулки, банана, чиа семе, пробиотски јогурт, суво грозје, брусница, мед. Прво измешајте го јогуртот и овесните снегулки па додадете сè останато.
Идеја за посен оброк:
На две тортиљи наредете растителен кашкавал и зачини по желба. Ставете ги на тостер околу 5 минути.
Идеја за здрави мафини:
200 гр кафеав шеќер, 300 гр интегрално брашно, 250 гр минерална вода, 100 гр ленено масло, 50 гр мелени ореви, чоколадни трошки. Измешајте сѐ заедно и наполнете ги калапите за мафини. Печете околу 15 минути на 200 степени.