Додека Пит Хегсет и генералот Кејн даваа изјави, американскиот потпретседател Џеј Ди Венс зборуваше за „Ен-би-си“.
Венс рече дека САД сакаат да почнат дипломатски процес со Иран. Тој посочи дека САД успешно ја смениле иранската програма за нуклеарно оружје и додаде дека претседателот Доналд Трамп сега сака да најде дипломатско решение.
„Ние не сакаме да го одолговлекуваме ова или да го шириме подалеку отколку што е веќе отидено предалеку. Сакаме да ставиме крај на нивната нуклеарна програма“, рече Венс, пренесе Ројтерс.
Тој додаде: „Сакаме да разговараме со Иранците за долгорочен договор“.
Во интервјуто тој исто така исткна дека не верува оти конфликтот со Иран ќе се претвори во долготрајна војна, дека САД немаат интерес да испратат дополнителни војници на Блискиот Исток и дека Америка не сака промена на режимот во Иран.
По разговорот за „Ен-би-си“, Венс даде изјава и за телевизијата „Еј-би-си“. Таму тој повтори дека американските воздушни напади значително ја уназадија иранската нуклеарна програма, но нагласи и дека САД не војуваат со Иран како земја.
„Не сакам да навлегувам во чувствително разузнавање, но знаеме дека минатата ноќ сериозно ја уназадивме иранската нуклеарна програма – без разлика дали се работи за години или повеќе“, објасни тој.
„Ние не сме во војна со Иран – ние сме во војна со иранската нуклеарна програма. Мислам дека претседателот синоќа дејствуваше решително за да ја уништи таа програма“, заклучи тој.
Венс, осврнувајќи се на неодамнешните медиумски критики упатени кон тимот на Трамп, рече дека нападот покажува колку администрацијата е подготвена да ја заврши својата работа.
„Синоќешната операција е неверојатен доказ за вештината на американските пилоти и другите членови на војската – од генералот Кејн и генералот Курила надолу“, напиша Венс на платформата „Икс“.
„И додека медиумите немилосрдно го напаѓаат главниот тим на претседателот и се обидуваат да шират лажни поделби, синоќешниот напад немаше да биде возможен без совршената координација и дискреција на тимот за национална безбедност на претседателот. Јас сум неверојатно горд на нив, а знам дека и претседателот е исто така“, додаде тој.