Кажете колку пари земавте за нелегалните објекти и не се глупирајте, му порача градоначалничката Данела Арсовска на вицепремиерот, Изет Меџити, кој претходно денес и’ најави кривична пријава.

Меџити ја нарече Арсовска инструмент за остварување на планот на ДУИ за дестабилизација преку општините, на што градоначалничката реагираше преку Фејсбук статус попладнево.

„Изет изјавил дека ќе сум ја дестабилизирала државата. Изет, единствена дестабилизација од мене ќе добиете ти и твојот измеќар Висар што ти ги потпишувал незаконските дивоградби за кои луѓе ви платиле милиони евра, а сте ги лажеле дека ќе можат да ги легализираат. Не се глупирајте, ви ја знаеме играта, ви ги знаеме лагите, знаеме кога се обидувате да манипулирате со јавноста и да ја дефокусирате. Како тоа секогаш кога некој ќе ви чепне во криминалот тоа е „обид за дестабилизација“? Каква е таа матрица на ВМРО-ДПМНЕ и измеќарите од ВЛЕН? Секогаш кога се во тесно, кога флагрантно се фатени со „рачињата во медот“, тоа било обид за дестабилизација. Каква дестабилизација? Што ќе се дестабилизира? Ќе ви кажам јас што. Единствено нешто што ќе се дестабилизира од откривањето на криминалот со дивоградбите во Чаир е вашата комоција и прилив на нелегални пари. Тоа ќе биде дестабилизирано. Кажете колку пари земавте за нелегалните објекти, не се глупирајте“, напиша Арсовска.

Меџити претходно ѝ порача на Арсовска да се занимава со своите надлежности и најави и пријава против неа за, како што рече, лажни тврдења во врска со објектот во Чаир пред кој се сликала и го објавила. Меџити овој случај го квалификува како „последен обид и план на Ахмети за дестабилизација преку општините“.