Шефот на Кабинетот на Министерот за јавна администрација, Маја Рисова Мутлулар, и раководителот на Секторот за обуки, Агрон Меџити, учествуваат на состанокот на Директори на институти и школи за јавна администрација (DISPA), што се одржува во Будва, Црна Гора.
Под мотото „Иднината на јавната администрација: Лидерство во криза и постигнување резултати“, настанот има за цел да обезбеди платформа за размена на добри практики, стратегии и иновативни пристапи за градење капацитети кај јавните службеници, особено во време на предизвици и неизвесности.
Настанот е организиран од ReSPA – Регионалното училиште за јавна администрација, во соработка со Европската школа за администрација и поддржан од Делегацијата на Европската Унија во Црна Гора.
Во текот на интензивната програма, учесниците дискутираа за дизајнирање на иновативни и флексибилни системи за обука, користење на податоци за управување со човечки ресурси, значењето на коучингот за развој на лидерски капацитети и придобивките од меѓународни и извршни програми за размена.
Во рамки на дискусиите, Рисова Мутлулар истакна: „Јавната администрација мора да се движи во чекор со времето, тоа значи не само технолошка трансформација, туку и суштинска инвестиција во луѓето. Само преку континуирана обука, поддршка и создавање простор за иновации, можеме да создадеме администрација што ќе одговара на потребите на граѓаните.”
Настанот обедини претставници од ЕУ и земјите од регионот, со цел споделување искуства, градење партнерства и идентификување заеднички приоритети за подобрување на јавните услуги.
Министерството за јавна администрација останува посветено на креирање ефикасна, транспарентна и професионална јавна служба, преку регионална соработка, модернизација на системите за обука и развој на човечките ресурси, велат од таму.
Текстот Не само технолошка трансформација, туку суштинска инвестиција во луѓето, јавната администрација мора да се движи во чекор со времето, порача Рисова Мутлулар е превземен од МАКФАКС.