Не само што се сомневаме, туку имаме и докази, изјави премиерот, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на сомнежите дека пожарите се подметнати и обвинувањата од страна на опозицијата за неажурност во справувањето.

„Не само што се сомневаме, туку имаме и докази. Имаме и приведени лица коишто тоа го правеа, посебно на територијата на Скопје, на Градот Скопје. Затоа што пожарот, да речеме, последниот којшто вчера се случи во близина на Смилковското езеро, беше навечер, после девет часот и тоа што го најдовме таму, но и три лица коишто потоа беа обезбедени, укажуваат на тоа дека постои основано сомневање за координирана и добро осмислена акција, посебно во Скопје“, изјави премиерот.

Тој рече и дека специјалните армиски и полициски возила коишто беа преадаптирани, во текот на вчерашниот ден дејствувале на терен.

„Дејствувавме со 9 Пинцгауери, еден Хермелин и 2 БТР-а и тие истурија околу 300 тона вода. Тоа е како полициските и армиските хеликоптери да направат 75 прелети тој ден, што е невозможно. Очекувам по техничкиот прием, деновиве да бидат вклучени сите, така што сметам дека драматично ќе биде подобрена расположливата механизација, би рекол, и специјални возила, да се справиме со овие непогоди во периодот којшто следи“, рече Мицкоски.

Додаде и дека опозицијата има најмалку кредибилитет да зборува во оваа работа и ја нарече „политички лешинари коишто орбитираат во нивниот периметар“.