Владимир Перев
Не му тргна на арно работата на Христијан Мицкоски со составувањето на новиот кабинет. Критики од сите страни! На виделина излегуваат делови од биографиите на министри, каде најблаго речено, не се говори позитивно ниту за нивните стручни оспособености, ниту за нивниот морален лик. Барем за повеќето од Кабинетот. Но тоа се проблеми кои ќе се решаваат патем, во рамките на работата на Владата.
На меѓународна сцена настаните се движат со секавична брзина. Веќе воопшто не е важно кој ќе победи на изборите во Америка. Амбасадорката Агелер со својата децидна и јасна изјава дека “нема никакви можности да се промени нешто во Договорот од Преспа, или да се промени Преговарачката рамка со Бугарија“, стави крај на надежите на сите кои веруваа на изјавите на Мицкоски и неговиот антураж, за можни промени.
Човек треба да е бескрајно наивен за да верува дека резултатите од пописот во Албанија се изненадување за нас. Тоа се очекувани резултати, продукт на антиалбанската политика која непрекинато се води низ институциите и медиумите во Македонија. Притоа, најмалу е важно, “колку многу се застапени албанците во институциите на власта“…нивната бројност, не ја амнестира антиалбанската реторика.
Да го поставиш за министер еден Иван Стоиљковиќ и тоа министер за односи со заедниците, треба да си глув и слеп за фактите кои ти ги посочуваат. Јасната и чиста изјава на Кристин Агелер дека “… од тогаш, прочитав некои работи кои тој ги кажал. Сметам дека се шокантни и, искрено, за осуда. Но, не гледам шема на дејствување. Се чини дека има долгa серија многу несреќни и навредливи забелешки, изјави и постови. Не ми изгледа дека оваа личност имала позиција на вистински авторитет…“, треба да биде предупредување за секој разумен политичар. Наместо тоа ние добиваме премиер кој на самитот на НАТО во Вашингтон “храбро ќе се соочи со членовите на организацијата и ќе ги достави своите забелешки“. Нека не се труди, тоа е caussa perduta. Наместо тоа, Мицкоски треба да се соочи со себе сѝ и своето опкружувањет… далеку сме ние, а и тој самиот, од држење лекции на НАТО и тоа сега, кога организацијата е во војна.
Тема за размислување е, зошто коалицијата Вреди, реши ја повлече одлуката Сафије Садики-Шаини да биде заменичка на министерот за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ. Па, разумен човек и не треба многу да му ја мисли, работите се јасни. Не дека немаше предупредувања. Зекирија Ибраими, генералниот секретар на Алтернатива, пред неколку дена, по објавувањето на министрите од страна на мандатарот Христијан Мицкоски, рече дека предлогот Стоилкович да биде министер и вицепремиер не е добра вест. Корупцијата и криминалот се оцртуваат на хоризонтот на новата влада. Бугарскиот портал Фактор.бг дава опширни сведенија за криминалните структури со кои е поврзана министерката за енергетика Сања Божиновска. Тоа се сведенија за криминални и коруптивни дејности, но и за политичко подривање на системот на државата, преку врски со криминално-коруптивни средини во Бугарија и Србија, сите заедно врзани во класични кагебеовски-путиновски московски структури. Проблемите на Бугарија не треба да се занимаваме, но проблемите со нас и авторитетот на нашата земја, треба да се првичната замисла.
“Колку повеќе се засилува антибугарската реторика, толку повеќе се навраќаме на термините Јужна Србија, во изјавите на српските челници“, ќе каже Љубчо Георгиевски на еден свој пост. Но тоа е само видливиот дел од она што е кажано. Зад сето тоа стојат структурите на Белград, кои сеуште тихо но ефикасно владеат со македонските економски, финансови, информативни, но пред сѐ и со духовните пространства во кои се движи македонскиот човек. Фактите, минатото на некои функционери и нивните “финансиски“ биографии, говорат за жестоката зависност од Белград, следствено и од Москва.
Пописот во Албанија треба да се предупредување за нас. Не ги доби своите гласови Бугарија затоа што давала пасоши и вршеле притисок врз имателите на тие документи. Таму победи објективноста, јасната согледливост дека Албанија е демократска држава со европски стандарди. Прашањето е зошто овде, во Македонија, Бугарија има само 3500 изјаснети како бугари, при позиција на најмалку 120 илјади бугарски пасоши. Одговорот е прост. Овде има насилие врз поинаку мислечките, а најсилно кон македонските бугари. Амбасадорот на Бугарија во Тирана, посочувајќи ги резултатите од пописот, пред сѐ изјави благодарност на “демократска Албанија“ која низ демократска атмосфера, ги валоризира желбите на своите граѓани албанци. Сѐ друго се празни приказни.
Кабинетот треба да разбере дека е ова време на војна, на бескомпромисна борба за опстанокот на Европа и демократијата. Да, има и други звуци во европските сонати, ама ние не можеме да пееме во тие тоналитети. Восхитот од умешноста на Вучиќ да владее автократски, со нашиот сентимент кон ликот на другиот тиранин Тито, е само стерилен сон за минатото. Москва е далеку, многу далеку од Скопје, а најмалиот човек од белградската гарнитура, овде треба да биде врската со агресивниот Путин.
Тоа и Путин нема да го прифати, нему му требаат достоинствени борци, а не слуги…такви ги има на претек.