Нешто повеќе од половина час денес во судницата во Идризово адвокатот Петре Шилегов, бранител на државниот советник во Министерството за економија, Шофјет Хазари, обвинето за трагедијата во Кочани во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, даваше воведен збор. Кажа дека е свесен оти и тој како бранител, но и сите во судницата дека се наоѓаат во можеби најтешкиот предмет во македонското судство и дека не постои суд и пресуда на светот која ќе ги отстрани последиците. Рече дека ако кој било од присутните може да го врати времето, прво на што ќе помисли е датум 16 март 2025 година.
За обвинението рече дека не видел „правно поаналфабетски памфлет и не заслужува го носи името обвинителен акт“. Ги читаше делата за кои е обвинет поранешниот државен советник Хазари и кажа дека за секое ќе докаже дека е невозможно да го сторил.
„На Шофкет Хазари му се става на товар дека бил свесен дека може да настапи штетна последица и се согласил со нејзиното настанување и тоа за кривично дело опишано во член 288 од КЗ на РМ, квалификувано во член 292. Обвинителство не убедува а ние ќе докажеме дека не невозможно обвинетиот Шофкет Хазари во периодот од 13.12.2012 година до 28.03 2019 се согласил дека на 16 март 2025 ќе има пожар во ноќниот клуб во Кочани. Делото што се става на товар вели – тој што со пожар, поплава, експлозија отров или отровен гас и озонирачко зрачење, моторна пила, електрична или друга енергија или со друго општо опасно дејство или средство ќе предизвика значителна опасно за животот и имотот на луѓето од поголеми размери па се предвидува кзаната. Тоа е делото што го сторил обвинетиот Шофкет Хазари. Со кои средства?’, праша адвокатот Шилегов.
Понатаму објасни дека други вработени во Министерството за економија ги изработувале и ги контролирале лиценците на кои се нашол и потписот на Хазари, еднаш оти дал согласност за лиценцата во 2013 година и трипати оти ги проверил лиценците за 2014, 2017 и 2018 година, што му ми била работна обврска. Шилегов рече оти во обвинението ги барал, но не ги нашол зборовите согласност и проверено, па смета дека е нејасно Хазари предизвикал пожар или дал придонес на пожарот.
„Не може потпис на правен акт што сте биле должни да го дадете како дел од работните обврски да е предизвикувач на пожар. За мене барем е неразбирливо и мислам дека човек и не треба да е правник за оваа нелогичност присутна во памфлетот на Обвинителството да каже дека ја сторил овој обвинет“, рече адвокатот Шилегов.
Хазари според Шилегов не може да одговара ниту за соизвршителство оти не ги познавал останатите обвинети за соизвршителство, а прв и единствен пат оди во Кочани денот кога е уапсен и го спроведува полиција па праша како можел да ја запали дискотеката или да помогне некому да ја запали.
Врв на глупоста според Шилегов е теоријата на каузалитет односно постоење причинско-последични врски оти лиценците на кои е потпишан Хазари имаат рок на важност од една година.
„Со издавање на секоја лиценца, прекинува важноста на претходната. Не може лиценца издадена во 2013, 2014, 2017 и 2018 година, каде што се наоѓа потписот на Хазари, да има правна важност за работа на дискотеката. Годишни се барањата. Ако имате прекини не може да имате континуитет по дефиниција“ рече Шилегов и праша зошто не се судницата сите вработени во Министерството за економија кои работеле на постапките и зошто има поранешни министри и директори, а нема актуелни.
Тој побара Обвинителството да го повлече предметот и квалитетно да го доработи нагласувајќи дека Обвинителството можело да врши кривичен прогон против Хазари за кое било кривично дело врзано со службена злоупотреба или несовесно работење.
На крајот, прво се извини за она што ќе го каже, а потоа му се обрати на обвинителот од Кочани: „Ако ни тврдевте на нас дека постоел тој јавашлук, што правевте вие 13 год во Кочани?. Што правевте? Ако ја прифатиме ваквата теорија тогаш обвинителот требаше да го слуша, а не да го чита обвинителниот акт“.
Судењето продолжува со воведни зборови на бранителите на вработени во Министерството за економија и Државниот пазарен инспекторат.
Текстот Не може потпис на правен акт да е предизвикувач на пожар, рече Шилегов, бранител на државниот советник Шофкет Хазари обвинет во „Пулс“ е превземен од МАКФАКС.






















