Пишува:Весфорт Идризи
Прво, би сакал да нагласам дека сум за денационализација и за враќање на сечиј имот, но ова враќање на имоти, сигурно дека треба да биде во склад со законите, што претставува колку граѓанска и легална обврска, толку и исламска.
Според законот за денационализација, во член 9 точка 4, јасно се вели дека доколку имотот кој по одземањето се користи за дејности од јавен интерес утврден со закон, тогаш при денационализација имотот не се враќа, туку се надоместува. А што се однесува до законското утврдување на дејностите од јавен интерес, ова може да се види и од самиот назив на театарот (НУ Албански театар за деца и млади – Скопје), каде на почеток се наведени кратенките „НУ“ како акроним за „Национална Установа“. Што значи дека не само што е јавен интерес, туку и национален. Во прилог на ова, доказ е законот за јавни установи каде во член 2, точка 21 и член 3 се вели дека установа е форма на организирање за вршење на јавна услуга како дејност. Што значи дека и законски театарот е установа од јавен интерес.
Сега што се однесува до враќањето на имотот, доколку во дадениот имот веќе функционира установа од јавен интерес, тогаш според член 32 од законот за денационализација постојат две опции. Едната можност е да се даде друг имот од ист вид во сопственост на државата, или како втора можност, да се дадат акции и удели, повторно во сопственост на државата. Со ова разбираме дека не постои можноста да се одземе имот на установа, туку напротив, се штити установата и се одбира моделот за надомест на наведениот имот.
По сево ова, каде се гледа дека законите се многу јасни, логички се наметнуваат прашањата: Како можело ИВЗ противзаконски да врати имот? Кој им го дозволи тоа? Кој им го даде имотот? Овде, во обид да се изнајде одговорот, повторно се повикуваме на истиот закон за денационализација, каде во член 12 стои дека по барање за денационализација одлучува министерот за финансии.
Така што, на крај остануваме со свртени погледи кон министерот во исчекување на образложение за таквата одлука, која повеќе наликува на политичка, отколку законска. Патем, не треба да се бара одговорност од ИВЗ, туку напротив, да се бара одговорност од штетниците на културата, театарот и јавниот интерес, што во дадениов случај може да биде само тој кој овозможил бесправно враќање во сопственост, односно министерот за финансии.
Во меѓувреме, би било добро наместо да се бара некаква услуга или разбирање од ИВЗ за да овозможат користење на објектот од страна на театарот, да видиме иницијатива во која театарот ќе ја оспори одлуката за одземање на својот имот. Ова, сепак, е загарантирано и со член 58 од законот за денационализација, каде се вели дека против решението може да се поведе спор.
Така што, наместо да се создава хаос од изјави и апстрактни ветувања со цел збунување на јавноста и стишување на реакциите, треба да се бара одговорност за кршење на законот од странката која го дала имотот – министерот за финансии, а не од тие кои го зеле истиот.