Пишува: Џабир Дерала

Прикриениот национализам е, на многу начини, исто толку штетен и деструктивен како и милитантниот национализам. Латентниот или прикриениот национализам релативно тешко се препознава и идентификува, а уште потешко е, ако не и невозможно, да се искорени. Не зборувам овде само за ставовите „мој најдобар другар од војска беше Албанец“ или „и Албанците се луѓе“ за кои и малите деца веќе знаат дека се националистички или може да произлегуваат од националистички наративи за кои често и самите носители не се свесни.

Скапо платени – националистички – медиумско-невладини проекти

Невешто прикриен национализам може да се најде и во разноразни скапо платени медиумско-невладини проекти во кои, под самата површина на пораките за „почитување на различностите“, отворено „се смеат“ очигледни националистички ставови, предрасуди и стереотипи.

Примери за, помалку или повеќе, прикриен национализам може да се сретнат насекаде, во секојдневниот живот, во медиумските информативни програми, во изјавите на експертите и политичарите.

Една од националистички мотивираните заблуди е и практиката на секојдневно, упорно инсистирање на проценти – според етничката припадност – во истражувањата на јавното мислење. Со политички дозирана употреба на статистиката, не само што не се прикажува реалноста во земјата, туку таа се искривува и замаглува, се разбира, во корист на националистичката и антизападната пропаганда.

Статистика низ етничка призма

Статистиката често се прикажува низ етничка призма. Така, веќе е ноторно повторувањето на „големите откритија“ дека ставовите на Македонците и Албанците значително се разликуваат во низа клучни прашања, како што е членството во НАТО или ЕУ.

Кај Албанците, процентот на поддршка за ЕУ и НАТО е повисок, а кај Македонците е понизок. Тие разлики во пропорциите се повторуваат и коментираат до бескрај. Се релативизира или премолчува фактот дека и мнозинството етнички Македонци го делат ставот на своите сограѓанки и сограѓани Албанци.

Разликата во пропорциите, односно процентите на поддршка, според етничката припадност, служи за креирање националистички наративи. Тие наративи се скриени зад „стручност, објективност и статистика“. Така, намерно или ненамерно (најчесто намерно), се доаѓа до дисквалификација на Албанците како граѓани на оваа земја.

Надгласани во „сопствената држава“

Оттаму, не зачудува „научното и правното“ толкување дека Македонците се надгласани во парламентот на „сопствената земја/држава“, а да не говориме за тврдата националистичка позиција дека Албанец не смее да биде министер за надворешни работи.

Не е потребно дополнително објаснување

На тој начин доаѓаме до широко распространетиот став дека Албанците не треба дури ни да учествуваат во одлучувањето за клучните процеси во земјата. Не е важно што мислат Албанците. Тие немаат право да одлучуваат!

Зошто? Едноставно, затоа што тие не се етнички Македонци! Зарем е потребно дополнително објаснување!?

Национализмот се вгнездува во општеството, невешто и недоволно добро прикриен, поткрепен со „научната тежина“ на статистиките и стручното мислење на тешките националисти меѓу експертите, невладините и медиумите и – служи како оружје против евроатлантските интеграции и против мултикултурниот карактер на земјата.

Долгогодишно повторување на етничките пропорции за поддршка на овие процеси, го подготви теренот за ултранационалистички изјави на универзитетски професори и експерти за човекови права, лидери на невладини организации (збогатени од ЕУ фондови) и „умерени“ политичари. Нивните изјави, по долгогодишната „обработка“ на јавното мислење, звучат дури и „меко“, а секако и „многу реалистично“.


Текстот е личен став на Авторот.