Сигурно ви се случило да имате толку многу работа, да не отидете на пауза и да го јадете вашиот оброк пред компјутер додека работите.
Кај нас, тоа е честа појава, но дали сте знаеле дека во Франција тоа веќе со години е забрането со закон, и само сега, со оглед на пандемијата, француското Министерство за труд го смени законот за работни односи и им дозволи на луѓето да ги јадат своите попладневни оброци на работа, односно на своите работни површини. Целта на тој закон била да ги охрабри француските работници да направат пауза од работата.
Според многу студии, оваа пауза е неопходна за продуктивноста, како и за подолга концентрација додека работите на компјутерот.
Бидејќи многу луѓе дома немаат канцеларија или дел од просторијата што е вистинско работно катче, честопати работната маса е и трпезариска маса, кревет, двосед, фотелја…
Луѓето кои работат од дома имаат друг „проблем“ – близината на кујната која доведува до синдром на „несвесно јадење“.
„Кога јадеме несвесно, не размислуваме многу за физиолошките знаци на кои треба да обрнеме внимание, како што се знаците на ситост. Поверојатно е да јадеме побрзо и да не се чувствуваме сити“, вели Лин Редман, психолог и помошник директор на Биомедицинскиот истражувачки центар Пенингтон.
Кога луѓето одат на работа, тие обично се поограничени кога станува збор за изборот на храна. Или ќе си понесат храна од дома, ќе купат нешто од пекара или ќе нарачаат достава…
Додека оние што работат од дома се „многу поблиску до фрижидерот“ па така може да јадат сè што ќе посакаат. Покрај тоа, можно е нивните порции да се зголемат затоа што се дома. А тоа, доведува до внесување на повеќе калории.
Можеби ви се чини добра идеја да седите на маса и да прелистувате е-мејл за време на ручекот. Но, ако одвоите време да одморите, ќе ја подобрите вашата продуктивност. За да се одморите идеално е да одвоите од 30 минути до еден час. Ако не направите пауза, тоа само може да доведе само до зголемен стрес и исцрпеност.
Ако направите пауза за да ги наполните батериите и му дадете шанса на вашиот мозок да се „рестартира“, тоа ќе ви помогне да бидете попродуктивни, пофокусирани и покреативни.
Хормонот кортизол веќе може да биде покачен во овие стресни периоди поради пандемијата на коронавирусите. А според многу студии, подолгата изложеност на сина светлина од компјутери до таблети и телефони дополнително го зголемува нивото на стрес во нашето тело.