Во јануари 2022 година е остварена годишна стапка на инфлација од 6,7%. Забрзувањето на годишната инфлација е одраз на порастот на регулираните цени на енергенсите, како и на растот на дел од прехранбените производи коишто имаат променлива динамика, беше соопштено на редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.
Придонесот на базичната инфлација (инфлацијата од која е исклучено влијанието на цените на храната и енергенсите) кон растот на ценовното ниво е сѐ уште умерен и стабилен. Оттука, ценовните притисоци и натаму главно произлегуваат од фактори на страната на понудата, поврзани со промените на цените на глобалните пазари и влијанието на пандемијата.
Остварената инфлација е над проекцијата, а очекувањата за идната динамика на увозните цени е коригирана во нагорна насока, со што ризиците за проекцијата на инфлацијата на краток рок се нагорни. Сепак, меѓународните институции очекуваат стабилизирање на растот на овие цени во втората половина на годината и со тоа намалување на инфлациските притисоци.
Неизвесноста поврзана со ценовните промени и понатаму е нагласена, согласно со неизвесните економски ефекти поврзани со развојот и справувањето со пандемијата и актуелните геополитички тензии.
Народната банка, велат оттаму, внимателно ги следи сите промени и доколку растот на цените е од продолжен карактер и позначително влијае на инфлациските очекувања, таа е подготвена за соодветна реакција со инструментите со кои располага.