Милвоки бакс го декласира Голден Стејт вориорс во вториот божикен натпревар во НБА лигата победувајќи го со 138:99.
Минатогодинешниот најдобар тим во регуларниот дел во Источната конференција, Милвоки дојде до првата победа во новата сезона, откако на отварањето беше поразен од Бостон селтикс.
Од друга страна, Голден Стејт го доживеа вториот убедлив пораз во вториот натпревар и засега делуваат како екипа која ја очекува грчевита борба за пласман во плеј-офот.
Иако првата ѕвезда на Милвоки, Јанис Адетокумпо имаше слабо полувреме со само шест постигнати поени, неговиот тим на одмор замина со 10 поени предност (66:56).
Во второто полувреме, Милвоки веднаш дојде до предност од 16 поени (80:64) и ги реши дилемите околу победникот. Во последната четвртина, тренерот на Милвоки одлучи да ги одмора ѕвездите на екипата и последниот период го одигра со резервистите кои рутински ја завршија задачата и обезбедија победа со дури 39 поени разлика.
Крис Мидлтон беше прво име во Милвоки со 31 поен, додека Адетокумпо постигна 15, а кај „воините“ Стеф Кари уфрли 19, додека дебитантот Вајзмен даде 18 поени.