Каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 6,30%, со истовремено задржување на каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 4,20% и 4,25%, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари, одлучи Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.
Тековното ниво на основната каматна стапка, во комбинација со промените кај задолжителна резерва, како и со макропрудентните мерки преземени досега, ќе придонесе за натамошно забавување на инфлацијата и задржување на стабилноста на девизниот курс. Затегнувањето на монетарната политика започна уште од крајот на 2021 година, прво преку интервенциите на девизниот пазар и оптималното управување со ликвидноста, а потоа од април минатата година и преку зголемување на основната каматна стапка, во вкупно 14 наврати досега, соопшти НБ.
Последната одлука за монетарната политика главно е условена од остварените движења и оцени за клучните показатели за монетарната политика, со посебен акцент на инфлацијата. Домашната инфлација и натаму забавува но посилно, сведувајќи се на 6,6% на годишно ниво во септември 2023 година. Забавувањето на годишната стапка на инфлација е резултат на забавениот раст на цените кај сите три компоненти, со најголем придонес од прехранбената компонента. Сепак, вкупната инфлација забавува малку послабо од очекувањата според последните проекции, а нејзиното ниво сѐ уште е над историскиот просек. Од друга страна, базичната стапка на инфлација забавува во целост во согласност со очекувањата, укажувајќи на намалување на ценовните притисоци од помалку променливите ценовни категории, а во согласност и со преземените монетарни мерки. Најновите очекувања за увозните цени, односно светските цени на примарните производи, се ревидирани главно во надолна насока, при што и натаму преовладуваат очекувања за пад на цените во наредниот период. Ризиците од надворешното окружување во однос на идното движење на цените и натаму се неповолни и неизвесни, пред сѐ поради непредвидливиот карактер на војната во Украина и најново, на Блискиот Исток, како нов фактор на ризик.
Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), по циклус од десет последователни зголемувања, на последната седница во октомври ЕЦБ не направи дополнителни промени, односно го задржа истото ниво на основните каматни стапки, врз основа на оцени дека досегашните промени ги даваат очекуваните резултати и со очекувања за задржување на тековното високо ниво на каматните стапки подолг период.
Состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви на крајот на септември е во согласност co меѓународните стандарди за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Од почетокот на годината, девизните резерви бележат раст, при поволни поместувања на девизниот пазар и интервенции со нето-откуп на девизи од страна на Народната банка од почетокот на годината. Ова е одраз на намалените притисоци од енергетската криза, а со тоа и помалата побарувачка од страна на фирмите, зголемениот нето-откуп од физичките лица како сигнал за доверба во домашната валута, како и општо добрата девизна ликвидност на банките. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во периодот јули ‒ август 2023 година е понизок од очекувањата според априлската проекција, а податоците за менувачкото работење заклучно со септември 2023 година се во согласност со очекуваните нето-приливи од приватните трансфери за третиот квартал.
Гледано од аспект на домашната економска активност, реалниот раст на БДП во вториот квартал од 2023 година забави сведувајќи се на 1,1% на годишна основа (по растот од 2,1% во претходниот квартал), при што се доближува до растот проектиран за овој квартал според априлскиот циклус проекции. Високофреквентните податоци за економската активност за третото тримесечје од 2023 година со кои се располага во моментов засега упатуваат на послаб економски раст во овој квартал, во однос на априлските очекувања. Исто така, најновите очекувања упатуваат на надолна ревизија на растот на странската побарувачка до крајот на 2024 година, со изгледи и за побавно закрепнување на домашната економија во следниот период.
Во монетарниот сектор, последните податоци заклучно со септември 2023 година и натаму упатуваат на посилен раст кај депозитите во однос на априлските очекувања, а кредитната активност и натаму забавува, во согласност со очекуваната динамика.
Општо земено, условите за водење на монетарната политика и понатаму сe неизвесни и упатуваат на неопходност од внимателно следење на динамиката и факторите на инфлацијата, како и на инфлациските очекувања. Ова подразбира и внимателност во водењето на макроекономските политики коишто влијаат врз побарувачката во економијата. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок, се вели во соопштението од централната банка.