Народната банка (НБ) ги зголеми каматните стапки за дополнителни 0,5 проценти поени (п.п.). Ова е одлучено на редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за домашната и глобалната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
-На седницата на Комитетот беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се зголеми за 0,5 п.п. до нивото од 5,25 проценти. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари. Во согласност со зголемувањето на основната каматна стапка, ќе се применува и повисока каматна стапка на кредитот преку ноќ. На седницата беше донесена одлука за зголемување и на каматните стапки на расположливите депозити преку ноќ и на седум дена, исто така за по 0,5 п.п. Овие каматни стапки ќе се применуваат од 15.2.2023 година, информираат од НБ.
Со овие промени, како што нагласуваат, Народната банка и на почетокот на оваа година продолжува со затегнување на монетарната политика, што започна уште од крајот на 2021 година, преку примена на повеќе инструменти, заради одржување на стабилноста на девизниот курс и стабилизирање на инфлацијата на среден рок.
-На седницата беше утврдено дека остварувањата кај клучните макроекономски показатели главно се во согласност со очекуваните. Сепак, амбиентот за спроведување на монетарната политика и натаму е неизвесен и бара претпазливост. Вкупната инфлација почна да забавува кон крајот на минатата година, во согласност и со намалувањето на светските цени, а се очекува дека овој тренд ќе продолжи и во тековната година. Сепак, со оглед на силината и долготрајноста на надворешните ценовни шокови, и покрај поволните поместувања, инфлацијата и натаму е на повисоко ниво и наметнува потреба од внимателно следење на инфлациските очекувања, велат од НБ.
Во однос на другите показатели што се битни за монетарната политика, посочуваат дека движењата на девизниот пазар се стабилни, а се забележуваат и поповолни трендови во делот на штедењето во домашна валута и на долг рок. Со оглед на врзаноста на нашата валута со еврото, додаваат, при одлучувањето за монетарната политика влијаат и промените во монетарната политика на Европската централна банка, која на состанокот на 2 февруари донесе одлука за зголемување на основните каматни стапки за 0,5 п.п.
-Домашните цени во декември забележаа мал пад, со што годишната стапка на инфлација и натаму забавува сведувајќи се на 18,7 отсто. Просечната годишна стапка на инфлација за целата 2022 година изнесува 14,2 отсти и е во согласност со последните проекции на Народната банка од 14,3 отсто, а произлегува претежно од порастот на светските цени на храната и енергијата, вклучително и на домашната цена на електрична и топлинска енергија и нивниот преносен ефект и врз цените на останатите производи и услуги, во отсуство на доволно домашни ресурси за ублажување на овие шокови, прецизираат од НБ.
Истакнуваат дека неизвесноста од идната динамика на цените на примарните производи на берзите, а особено на енергентите, и натаму постои поради воените случувања во Украина и санкциите кон Русија, поради што, како што потенцират, и натаму од исклучителна важност е водењето претпазливи домашни политики и внимателното управување со домашната побарувачка.
-Нивото на девизните резерви, заклучно со крајот на јануари, ги задоволува меѓународните стандарди неопходни за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута, односно тие и понатаму се на соодветно ниво. Движењата на домашниот девизен пазар и во текот на јануари беа релативно стабилни, при што Народната банка само повремено беше присутна на девизниот пазар. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во 2022 година е понизок од очекуваниот, што придонесе за подобри остварувања кај девизните резерви. Најновите остварувања на менувачкиот пазар од почетокот на годината се поволни и засега се во склад со проектираните нето-приливи од приватните трансфери за првиот квартал од 2023 година, посочуваат од НБ.
За домашната економска активност, истакнуваат дека остварувањата во првите три квартали од 2022 година се многу блиску до проектираните (растот е 2,7 отсто при проекции на Народната банка од 2,5 отсто), а расположливите високофреквентни податоци за четвртиот квартал се во прилог на очекувањата дека забавувањето на растот ќе продолжи до крајот на годината.
-Податоците за овој период покажуваат реален годишен пад на прометот во вкупната трговија, по малиот раст во претходниот квартал, како и натамошни неповолни движења кај индустриското производство и извршените градежни работи. Од друга страна, растот кај прометот во угостителството и натаму е висок и забрзува на годишно ниво, велат од НБ.
Посочуваат дека во декември 2022 година кредитната активност и натаму расте на годишна основа, но поумерено, особено во сегментот на домаќинствата, во согласност со очекувањата.
-Растот кај депозитите забрза и ги надмина очекувањата, при што кај населението се забележува пораст на склоноста за штедење во денари и на подолг рок. Општо земено, неизвесното и променливо окружување и нагласените ризици налагаат натамошна претпазливост од носителите на политиките, истакнуваат од НБ.