Операцијата за следење почнала уште од 2017 година, откако Навални најавил дека планира да се кандидира за претседател, па во следните три години опозицискиот лидер бил тајно придружуван од агенти на најмалку 30 летови, заклучно со последниот, од сибирскиот град Томск кон Москва.

Тајни агенти на руската Федерална служба за безбедност будно го следеле опозицискиот лидер Алексеј Навални долго време пред да биде отруен во август годинава, тврдат истражувачки новинари од порталот „Белингкет“ и „Инсајдер“, во соработка со колеги од германскиот весник „Шпигел“ и американската телевизија Си-ен-ен.

Анализирајќи податоци за илјадници телефонски повици и патувања на агентите на ФСБ, новинарите тврдат дека Навални бил следен со години од агенти во цивилна облека.

На Навални му се слоши во август годинава додека со авион патувал од сибирскиот град Томск кон Москва. Авионот итно слета во Омск, каде што Навални беше згрижен во болница, но лекарите не откриле дека бил отруен. По барање на сопругата, Навални во состојба на индуцирана кома беше префрлен во Берлин, каде што со лабораториски испитувања беше утврдено дека бил отруен со нервниот агенс „новичок“, за кој се смета дека го поседуваат руските воени служби и кој може да се открие во примероци од телото само во најмодерни лаборатории.

ВИДЕО | Шокантни откритија за труењето на Навални и бугарскиот производител на оружје Емилијан Гебрев: Меѓу овие руски агенти е и обвинетиот за дестабилизација на Црна Гора пред влезот во НАТО

Операцијата за следење почнала уште од 2017 година, откако Навални најавил дека планира да се кандидира за претседател, па во следните три години опозицискиот лидер бил тајно придружуван од агенти на најмалку 30 летови, заклучно со последниот, од сибирскиот град Томск кон Москва. Истражувачките новинари, притоа, не ја исклучуваат можноста дека и порано имало обиди за труење на опозицискиот лидер, вклучувајќи во јули годинава, кога Навални со сопругата Јулија патувал на „романтичен одмор“. На ова патување, на Јулија ненадејно ѝ се слошило, но веќе следниот ден веќе била подобро.

– Чувствував дека никогаш порано во животот не сум била толку болна – изјавила сопругата за новинарите.

Порталот „Белингкет“ тврди дека еден месец подоцна Навални бил отруен од агентите на ФСБ со „новичок“, кој руските власти наводно го зачувале во својот арсенал, иако Москва официјално објави дека ја укинала програмата за хемиско оружје. Со истиот агенс беа отруени и двојниот агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во англискиот град Солсбери пред две години. Британските власти по спроведената истрага заклучија дека Скрипал бил отруен од агенти на руската Агенција за воено разузнавање ГРУ.

Според „Белингкет“, тројца агенти на ФСБ го следеле Навални во Томск, каде што дошол како дел од кампањата на опозициските кандидати за изборот на пратеници во државната Дума, а уште петмина биле вклучени во операцијата. Сите агенти постојано комуницирале за време на патувањето, а белешки за телефонските повици покажуваат дека ја засилиле активноста вечерта, пред Навални да тргне од хотелот кон аеродромот, што се смета за моментот кога го примил отровот.

„Белингкет“ тврди дека осумтемина агенти што ја спровеле операцијата биле дел од Институтот за криминалистика на ФСБ, познат и како НИИ-2, со седиште на улицата „Академика Вархи“ во југозападното предградие на Москва. За НИИ-2 се смета дека е одговорен и за труењето со полониум на поранешниот агент Александар Литвиненко во Лондон. Програмата ја надгледувал високиот воен научник, полковникот Станислав Макшаков, кој претходно работел во хемискиот институт во „затворениот град“ Шихани 1 кај Саратов, во кој советските сили во седумдесеттите години од минатиот век развивале нервни агенси, вклучувајќи го и „новичок“. Другите офицери во групата биле од разни сектори – некои имале медицински дипломи, а други биле експерти за хемиско оружје и специјални операции.

Навални по заздравувањето изјави дека најверојатно бил отруен во хотелот во Томск вечерта пред да отпатува за Москва, кога во ресторанот пробал коктел, но не го испил целиот, зашто „бил без вкус“. Тогаш бил забележан „пинг“ од мобилниот телефон на Алексеј Александров, 39-годишен оперативец на ФСБ, од локација близу до хотелот „Ксандер“, а во следните четириесетина минути се засилила комуникацијата помеѓу агентите.

Следниот ден, веднаш откако авионот со болниот Навални итно слетал во Омск, полковникот Макшаков добил телефонски повик од генералот Владимир Богданов, командант на Центарот за специјална опрема на ФСБ.

„Белингкет“ и Си-ен-ен пишуваат дека побарале, но не добиле коментари од Кремљ и од ФСБ за случајот со следењето на Навални. Репортер на Си-ен-ен во понеделникот го посетил домот на Олег Тајакин, кој е идентификуван како агент на ФСБ, но тој ја затворил вратата кога го слушнал прашањето дали бил дел од групата што го следела Навални.

Руски медиуми неодамна укажуваа дека Навални можеби бил отруен во авионот со кој бил префрлен од Русија во Германија, или можеби од најблиската соработничка Марија Певчих, која го придружувала во Томск, а тајно работела за британското разузнавање, со цел да се создаде причина за притисок врз Москва.

Кремљ: Тврдењата за второ труење на Навални се „бесмислица“

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги отфрли како „целосна бесмислица“ тврдењата за втор обид за труење на рускиот опозиционер Алексеј Навални додека бил во кома во болница во Омск.

– Извори во германските тајни служби им кажале на партнери во Британија дека додека Навални бил во вештачка кома Русите направиле втор обид да го отрујат пред тој да биде испратен во Берлин, пишува весникот „Сандеј тајмс“.

Песков го оквалификува текстот како „крајно срамен“.