Рускиот затвор во кој е сместен опозицискиот лидер Алексеј Навални, нарачал 32 нови камери за надзор, како и друга опрема за зајакнување на безбедноста на затворот.

Еден од најголемите критичари на рускиот претседател Владимир Путин во моментов издржува затворска казна во траење од две години и осум месеци. Навални беше осуден во февруари за кршење на условна затворска казна. Во договор со судијата, тој требаше редовно да се пријавува и да дава извештај за неговиот статус. Но Навални беше отруен со Новичок и беше во кома неколку месеци, што го спречи редовно да се јавува кај судијата. Откако слета на аеродромот „Шереметјево“ во Москва, беше уапсен и против него веднаш беше покрената постапка.

Тој сега е во поправна установа, оддалечена 200 километри од Москва, а неговиот правен тим повеќепати укажуваше дека Навални нема услови за нормален живот, како и дека бил подложен на тортура.

Навални ги обвини чуварите дека го будат секој час и не му го овозможуваат лекување што му е неопходно. Тој во текстот на блогот наведе дека „камерите се насекаде“, и оти неговите адвокати му помагаат да одржува врска со надворешниот свет.

Според податоците за јавните набавки, затворската институција каде се наоѓа Навални, денеска нарачала 32 камери, мрежни картички, дискови, кабли и друга опрема, во вредност од пет илјади евра. (МИА)