Претседателот на Литванија, Гитанас Науседа денеска предложи 1 јануари 2030 година да биде официјален датум за пристапување на Украина во Европската унија.
Говорејќи на самитот „Поддршка на Украина“ во Киев, Науседа повика на решително лидерство со цел да се забрза интеграцијата на Украина во ЕУ, пишува „Киев Индипендент“.
„Безбедноста на Европа зависи од безбедноста на Украина. Затоа, да го забрзаме пристапот на Украина во ЕУ“, рече Науседа.
Тој додаде дека првата рунда од пристапните преговори може да биде отворена во наредните недели и ги повика европските лидери да го направат патот на Украина кон ЕУ „неизбежен“.
Украина поднесе барање за членство во ЕУ во 2022 година, набргу откако Русија започна целосна инвазија. Земјата доби кандидатски статус за неколку месеци, а официјалните преговори започнаа во јуни 2024 година. Украинскиот претседател Володимир Зеленски си постави амбициозна цел да отвори пет или шест преговарачки кластери оваа година, а првата фаза се очекува во рамките на ротирачкото претседателство на Полска со ЕУ, пренесува Танјуг.
Комесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеј, претходно сугерираше дека Украина може да се приклучи на блокот до 2029 година, доколку успешно ги спроведе неопходните реформи. Лидерите на Летонија, Литванија, Естонија, Шпанија, Канада, Финска, Данска, Исланд, Норвешка и Шведска, генералниот секретар на ОБСЕ, францускиот министер за европски прашања Жан-Ноел Баро, претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен учествуваат на самитот „Поддршка на Украина“ што се одржува во Киев по повод третата годишнина од нападот на Русија.