„Спорот со Бугарија веќе официјално влегува како една официјална пречка за почетокот на преговорите. И во таа насока претстои навистина тешка задача пред нашата Влада, да го затвори тоа прашање и истовремено да ги заштити македонските национални интереси“, вели поранешниот амбасадор на Македонија во Вашингтон, Васко Наумовски за Алфа.
Според Наумовски Македонија во моментов е подалеку од старт на преговори отколку што била пред 10 години.
„Да се потсетиме дека само пред 10 години Македонија беше поблиску до почетокот на преговорите отколку што е сега. Ентузијазмот за членство во Европската унија тогаш беше многу поголем кај нашите граѓани отколку што тоа е сега. И за жал ние гледаме назадување во многу поглавја, како на пример борбата против корупцијата, недостатокот на реформи во администрацијата, како и се она што значи исполнување на европските стандарди“, вели Наумовски.