„Стапката на инфлација како проблем на денешницава е висока кај земји кои имаат ниска стапка на продуктивност. Односно, само продуктивноста е алатката за борба со инфлацијата. Се друго е само флертување со инфлацијата до недоглед“, вели Наумоски за „Локално“.
Македонија на ова поле е во исклучително незавидна состојба.
„На врвот е Германија со повеќе од 100.000 долари по вработен или скоро три пати повеќе од македонските работници. Практично, еден работник во Германија создава, работи речиси три пати повеќе од кај нас. Затоа пак, истиот е платен и неколку пати повеќе од нашиот“, вели Наумоски.
Како високо продуктивни работници во Југоисточна Азија ги посочува Филипинците,па оттука и предлогот на Наумоски токму оттаму да се увезат работници за потребите на македонското стопанство.
Меѓу низата аргументи почува неколку: ниската цена на нивниот труд, вешти се за работа во текстилната индустрија и во земјоделието, а се служат со англискиот јазик.
Македонската економија е во фокус на неговите анализи во однос на евентуалните последици по пропаѓањето на неколку светски банки.Категоричен е дека по неа и по нашиот банкарски систем нема да има никакви негативни ефекти.
По новото зголемување на каматната стапка од страна на ФЕД, дел од економистите предупредија дека, колку и да помага тоа во борбата против инфлацијата, поголема ќе биде опасноста повеќе банки и фирми да бидат турнати во пропаст. Какво решение треба да се примени во македонските рамки?
-За жал, преостанува живот во година со двоцифрена инфлација. Нејзината сила забавува. Резултанта – сите ќе изгубиме по нешто. Би дополнил – инфлацијатае состојба на новото време. За да ја надминеме ваквата состојба, таа ќе бара висока продуктивност за новите работници во националните економии.Особено во нашата економија, која има лоша структурна поставеност. Оттука, само економиите кои ќе имаат високо продуктивни работници ќе ги добиваат следните битки за економската стабилност и раст. Клучно тука ќе биде времето потребно за преобразба. Тоа е проблемот за состојбите во земјите, денес. Како понатаму? Две работи се важни, а ние како систем не можеме да ги исполниме. Можам да пишувам стручни статистики но што и да напишам, нема брзо да се стабилизираме во поглед на инфлаторните тенденции. Затоа ќе одговорам – вистински и реално, треба да се фокусираме на продуктивност и образование. Токму затоа, понатаму ќе ни биде тешко. Треба многу работа. А не можеме, но знаеме како. Затоа тешко ќе не биде. Многу сме урнисани во духот и мотивацијата.
Во насока на продуктивноста,маргиналната продуктивност како категорија е важна. Тоа значи, ако сите учествуваме во процесот на создавање на нова вредност, добиваме и надоместок еквивалентен на таа маргинална продуктивност. Со други зборови кажано, сите што создаваат учиноци над просекот, така и треба да бидат платени. Ако нема маргинална вредност, тогаш нема маргинална награда (надница). Така е правично. За сметка на ваквите тези,кај нас сакаме лесни, брзи пари, а притоа никој ништо да не работи во насока на маргиналноста. Да, може да се прават лесни пари но со криминал. Тука идолите се помешани или пак вредностите, сеедно.
Колку за споредба, на порталите на Светска банка, сретнав еден параметар за мерење на продуктивноста на трудот, а се вика: резултат на економијата по вработен. Според оваа анализа, македонската економија прикажува состојба на околу 44.000 долари по вработен. Ако направам паралела со регионот, само со Србија сме тука, а под нас е само Албанија. Во регионот, Словенија е прва со 80.000 долари по вработен, а зад неа е Хрватска. Во земјите од ЕУ резултатотпокажува двојно поголема вредност во споредба со нас или над 93.000 долари по вработен. На врвот е Германија со повеќе од 100.000 долари по вработен или скоро три пати повеќе од македонските работници. Практично, еден работник во Германија создава (работи) речиси три пати повеќе од кај нас. Затоа, истиот е платен и неколку пати повеќе од нашиот. Ете затоа, стапката на инфлација како проблем на денешницава, слободно може да кажам дека е висока кај земјите кои имаат ниска стапка на продуктивност.Односно, само продуктивноста е алатката за борба со инфлацијата. Се друго е само флертување со инфлацијата до недоглед. Во таа насока, истакнувам дека се потребни структурни реформи во земјите како нашава, во кои има два и пол пати помала продуктивност од ние во ЕУ. Ние можеме дополнително да ја поддржиме борбата против инфлацијата преку подобрување на продуктивноста. Да подвлечам – во продуктивноста на своите поединци се состои тајната на развиените земји. Затоа, константно се бараат работници во развиените земји од ЕУ. Првенствено, тие инвестираат во мотивацијата на индивидуата, а потоа во раст на продуктивноста.
Бројките на статистика покажаа дека се намалува бројот на активно и работоспособно население. Ќе предизвика ли увозот на работници промени на пазарот на труд?
-Поддржувам увоз на работна сила.Сега се поставува прашањето, од каде? Филипини. Да бидам објективен, ваквата идеа ја слушнав, на едно предавање во АБИТ, од еден гостин предавач. Поточно, ова го слушнав од една жена, голем и успешен претприемач. За мене, таа е „жена ангел“ за македонското стопанство. Колку да се знае, филипинската економија е една од најразвиените земји во Здружението на нациите од Југоисточна Азија, но на светско ниво се смета за земја во развој, што е добро за нас. Цената на трудот е драстично пониска во споредба со нас. Значаен дел, најголем би рекол од населението работи во текстилната индустрија и во производството на облека и обувки а други во производство на земјоделските производи. Од ова треба да се прочита – филипинците се високо продуктивни работници, едни од најдобрите во Југоисточна Азија. Службен јазик, покрај домашиот е англиски, што е доволен показател зошто „ДА“ на идеата за внесување и позајмување на неколку илјади млади работници.
Годинава, со почетокот на летото, македонската економија ќе изгуби доста работници, особено во туристичката дејност, како и другите индустрии, со миграција на млади и цели семејства во Хрватска и Германија. Ваквите процеси ќе се засилуваат. Се плашам дека е веќе доцна за секаква надеж во изградба на подобар систем, тука. Но, еве итаме кон ЕУ, како единстена опција за надеж.
Ставот на НБРМ дека граѓаните не треба да се грижат за евентуални ефекти од пропаѓањето на банките во Америка и Швајцарија, само делумно ја намали нервозата во јавноста. Колку нашиот банкарски систем, кој работи според традиционален деловен модел,е отпорен на вакви “потреси’’?
-Исто така, мојот став е во таа насока. Имено, по основ на ова прашање сакам да бидам директен – за македонскиот банкарски систем нема опасности, а еве и зошто. Банките во нашиот монетарен систем бележат рекорден профит во изминатата 2022 г. Тоа значи, со јазикот на банкарите, билансите на македонските банки се исклучително солидни, со најдобар до сега, квалитет во кредитното портфолио. Но од друга страна, треба со особено внимание да се набљудуваат состојбите надвор во глобални рамки. Кога велам рекорден профит за банките, со право е така, бидејќи изминатата година беше кризна, а банкарскиот сектор повторно покажа највисока до сега стапка на профитабилност. Сите 13 банки, минатата година ја завршија со вкупна добивка од близу 158 милиони евра. Ова означува раст за нецели 6 % во однос со 2021 г. Од друга страна, доверба влева големината на активата на банките. Поточно, само најголемите 5 или јас често велам „Г-5 банките“ имаа актива од 9,2 милијарди евра, што е евидентно зголемување од состојбите со активата од пред три месеци. Исто така, кај средните и мали банки, вкупната актива за сите осум, покажува износ поголем од 2 милијарди евра. Заедно, сите домашни банки креираат актива од фантастични 11,3 милијарди евра. Дополнително, адекватноста на капиталот за сите банки е далеку над потребниот минимум (околу 17 %) согласно базелските стандарди. Во оваа насока, како одбрана на моите тези за стабилноста на домашниот банкарски систем, го додавам и фактот дека нашите банки имаат многу мала изложеност кон странство, односно само 6,6% од вкупните обврските на банкарскиот систем, а само 5% од побарувањата се од странство.
Нервозата особено порасна по паѓањето на акциите на Дојче банк но и стравувањата дека падот на неколкуте банки е само вовед во подлабока банкарска криза. За целиот региони секако за Македонија, Германија е локомотивата на економскиот воз, па оттука, дали треба да стравуваме за економскиот раст, инфлацијата и берзите?
-Не велам дека по падот и на Кредит Свис банката, која беше спасена од УБС, нема загриженост кај инвеститорите од заразна и продлабочена понатамошна паника. Да има. Особено се појавува едно чувство на страв кај глобалните играчи на финансиските пазари, од идно заострување на монетарната политика. Затоа се појави една кратка паника во банкарскиот систем на Германија. Но тоа е зад нас. „Дојче банка“ помина низ реструктуирање на трошоците, ги намали драстично, и денес е многу повеќе профитабилна. Само во годината која помина, „Дојче банка“ оствари годишен нето приход од 5,7 милијарди евра, што е повеќе од двојно на годишно нивово споредба со претходната година. Исто така, како што објави банката, во 2022г. нејзиниот профит е најголем во последните 15 г., благодарение на новата стратегија. Ова го кажа на почетокот на минатиот месец, генералниот директор Кристијан Севинг. Добивката на банката пред оданочување лани порасна за 65 % и достигна 5,6 милијарди евра. Од ова може да заклучам дека „Дојче банка“ се враќа на она ниво на профит што го објави од пред финансиската криза во 2008 г. За ваквите состојби, на крајот на минатата недела (петок), стигна потврда од страна на германскиот канцелар Олаф Шолц. Тој рече: „Дојче банка темелно го реорганизирала и модернизираше својот деловен модел и е многу профитабилна банка“, додавајќи дека „Едноставно не е страшно“.
Банкарите и ЕУ смируваат, тврдат дека се реагирало брзо и спречено е прелевање на кризата и пропаѓање на други банки, но паниката кај народот се чини не е стивната. Од друга страна, македонските граѓани се познати како “лојални штедачи’ чии штедни влоговипостојано растат. Колкави се можностите од намалување на оваа доверба?
-Знаете како, јас не припаѓам на никоја од лоби групите, кои долго се во врвот на банкарството. Важам за млад, полн со надеж, во насока на анализа и креирање на политиките во монетрана смисла, но од друга страна пак сум околу 10 г. во стручната банкарска едукација преку АБИТ. Оттука, сум бил многу пати на стојалиште дека треба да се отвори, и тоа многу повеќе, нашиот банкарски сектор кон малите и нови претприемачи кредитобаратели т.н. стартапи. Но денес, токму тој традиционален деловен модел на македонското банкарство се покажа како клучен. Зошто? Затоа што е заснован врз кредитирање на фирмите и граѓаните при стабилни извори на финансирање.
Кај нас, банкарството е многу поразлично од деловниот модел на американската банка СВБ, кој пак е една од клучните причини за нејзиното пропаѓање, а се заснова врз висока концентрација на депозитната база, но и на вложувањата во хартии од вредност (хартиите од вредност учествувале со 60% во вкупната актива на Банката на Силиконската долина). Колку за споредба, македонскиот банкарски систем има диверзифицирана и стабилна структура на финансирање во која депозитите учествуваат со 84% во вкупните обврски, а притоа две третини од депозитите се на населението. Овие средства главно се пласираат во кредити на нефинансиските лица коишто учествуваат со 60% во вкупните средства на банките и коишто имаат висок квалитет. Од друга страна, учеството на вложувањата на банките во хартии од вредност коишто се издадени од нерезиденти е минимално и помало од 1 %. Заклучок: штедачите треба да бидат сигурни и спокојни.
Колку настаните во банкарскиот сектор можат да влијаат врз економските движења, прво во пошироки европски граници, а потоа и во нашите?
-По падот на Кредит Свис банката, која беше спасена со аквизиција од 3 милијарди франци од УБС,има загриженост кај инвеститорите, но нема паника, што е и најважно. Како последица на сето ова, веќе на исток, Саудиската национална банка, која беше 37 % во сопственост на државниот фонд на кралството, направи потег, преку оставка, го смени претседателот Ал Кудаири, и тоа само неколку дена откако неговите коментари „придонесоа“ да се спушти вредноста на акциите на Свис банката. Значи, во двете крупни банкарски кризни ситуации (САД и Швајцарија), се покажа дека не опстојува сила за да се предизвика нова глобална банкарска криза. Сепак, тоа беа две излоирани состојби, кои, можеби имаа и друга заднина. Но во овој момент, за тоа не би сакал да шпекулирам. Колапсот на „Credit Suisse“ се должи на комбинација од серија неуспеси во управувањето што ја поткопа довербата.
Превземено од Локално.мк