Дел од експертите во земјава се децидни дека секогаш се добредојдени одлуки какви што донесе германскиот Бундестаг со Резолуцијата за Македонија.

Професорот и поранешен амбасадор во САД, Васко Наумовски во изјава за „Локално“ вели дека Германија е најголемиот поддржувач на проширувањето на ЕУ, и во минатите циклуси на проширување, и во поглед на проширувањето со
балканските држави.

Овој тип на документи ја зацвстуваат таа поддршка, и се добредојдени за секоја држава-кандидат. Иако се работи за парламентарна резолуција на една држава- членка, тоа е показател дека Германија останува посветена на македонската евро- интеграција, порачува Наумовски.

Тој порачува дека македонскиот јазик и идентитет одамна се реалност, историски верификувани, и не можат да бидат оспорени.

-Нивната заштита и негување е пред се наша должност, и тоа треба да е приоритет за нашето општество. Влезот во ЕУ е влез во една заедница на различности, и токму проширувањето е процес на обединување на различните
идентитети, со нивна заштита, истакнува поранешниот амбасадор.

На прашањето дали ова е нов удар за Бугарија и нивните наводни аспирации и негирање, Наумовски смета дека овој документ е потврда на реалноста и секој што го негира македонскиот идентитет и јазик во суштина има проблем со
реалноста.

-Ирационалните ставови на дел од бугарските политичари никогаш немале поддршка кај останатите членки на ЕУ. Германската резолуција е показател дека тие бугарски ставови се далеку од европските вредности, и дека приоритет имаат заедничките интереси на ЕУ, а не националистичките тенденции кај дел од политичките елити на некоја нејзина членка, советува соговорникот.

Во споредба со одлуката на САД од 2004 година кога го призна тогашното уставно име Република Македонија, но подоцна побара гласање на референдумот за Преспанскиот договор, професорот вели дека Договорот од Преспа беше
потпишан од владите на Македонија и на Грција, и сите останати држави го следеа овој билатерален документ.

-САД не се држава-потписничка на тој договор, и нивниот став се промени затоа што нашата тогашна влада се согласи со тој договор. И овој пат, доколку ние како држава прифатиме нешто различно во иднина, вината за тоа не може да ја бараме кај некој друг, дециден е Наумовски.