И по 24 часа од масакрот во Белград во кој 13 годишник застрела осум деца и еден чувар, а рани шест деца и еден наставник се уште јавноста е во неверување и шок. На социјалните мрежи се споделуват фотографии од местото на злосторот кои ја раскажуваат траорната ситуација. Реки народ се собираат пред основното училиште „Владислав Рибникар“ во Врачар, Белград палејќи свеќи за настраданите.
Социјалните мрежи се преплавени со коментари и шпекулации за тоа што и како го мотивирало ученикот Коста Кецмановиќ цел месец детално да планира и на крај да го направи злочинот. Експертите во Скопје се децидни дека ова е изолиран случај и не смее да се остава простор за шпекулирање се додека надлежните не го утврдат вистинскиот мотив и психичката состојба на 13 годишникот. Појаснуваат дека динамичното и брзо живеење, желбата на родителите нивните деца да се на пиедестал со успеси иако можеби немаат капацитети за тоа, како и се помалата комуникација очи в очи го наплатуваат денокот.
Според социологот Илија Ацевски живеењето во ера кога технологијата е главно средство за комуникација, надминувајќи го реалниот разговор помеѓу луѓето, создава простор да се живее со нереална слика на животот. Истакнува колку намалената емпатија, отсуството на желба некој да се сослуша и да му се помогне може да остави сериозни последици по развојот на еден човек, особено во неговите т.н „бунтовни“ години во периодот на адолесценцијата.
„Долгорочната изложеност на имагинарна реалност го попречува јасното согледување на имликациите од дејствувањата во реалниот живот. Тоа може да се сфати како отсуство на свест за тоа што е дозволено во светот на технологијата, а што во секојдневниот реален живот. Новите дигитални технологии за комуникација се толку многу моќни, но некако како да не се работи на нивни прилагодување на секојдневието. Морам да нагласам дека одамна се изгубени и авторитетите во училиштата, што исто така влијае на согледувањето и правењето разлика на лошото од доброто. За жал, многумина од наставниците и стручните лица во училиштата не можат да го следат темпото со кое децата влегуваат во светот на технологијата. Од тука доаѓа и не можноста рано да се детектираат можните симптоми кои укажуваат на нешто страшно, како што е актуелниот случај во Белград“, додава Ацевски.
Од друга страна пак комуниколозите се на ставот дека врз технологијата можеме да фрлиме црна дамка, но поентата е да разбереме дека возрасните се тие кои треба да им го пренесат своето искуство на помладите. Односно да не се оставаат децата сами да градат свој свет само преку тоа што го следат на социјалните мрежи и воопшто што им го нуди технологијата. Според комуникологот Бојан Кордалов без разлика за какви цели се користи технологијата мора да е ограничено времето кое е резервирано за таквата комуникација и едукација.
„Најлесно е да кажеме дека технологијата е крива или времето во кое живееме. Но, дали е тоа така и дали со ваквиот пристап нешто ќе се смени? Не, очигледно нема и веќе 15 години го тераме ваквиот пристап и еве до каде не води. Што уште треба да се случи за да прифатиме дека не е времето лошо, туку ние одбиваме да се менуваме и адаптираме, а со тоа и ги влечеме децата и младите наназад, не дозволувајќи им, заедно со нас, да изградат ново општество, модерно општество кое ќе ги ползува придобивките на новата ера во која живееме. Ова што се случи во соседна Србија е голема трагедија. Нема оправдување за масакрот кој се случи. Но, во исто време ова е конкретен случај, па кога ја комуницираме оваа тема мора да внимаваме да не ги ставаме сите врсници или сите млади во истиот кош, односно во купот наречен генерации кои се девијантни или склони кон вакви дејствија. Тоа не е добро ниту за младите, ниту за општеството“, објаснува Кордалов.
По неколку часа од објавувањето фотографии од 13 годишниот Кецмановиќ на социјалните мрежи се забележуваат и објави на кои некои тинејџери го величаат како него така и злосторот. Веќе кружат и видео снимки каде ученици, во своите училишта, го имитираат нападот и таквите видео снимки ги споделуваат на интернет. За ваквиот потег социологот Ацевски посочува дека е резултат на слободата која ја даваат социјалните мрежи. Истакнува дека многумина таму имаат голема храброст, но во реалноста се свесни за опасностите и немаат толку висок праг на храброст. И комуникологот Кордалов укажува на потребата луѓето да се свртат кон себе, односно возрасните да се запрашаат што прават во комуникацијата со децата и младите.
„Дали напред ги ставаме нивните барања, потреби, очекувања или, пак, само нашите потреби, желби, стравови и потрага секогаш по уште поматеријално“, вели Кордалов
За едни вакви специфични ситуации важно е да се земе предвид целокупната слика, вели м-р Фики Гаспар, лиценциран психолог. Тој истакнува дека без да се утврди што довело до ваквиот масакр најпрво мора сите надлежни да го дадат одговорот. Но несомнено дека за да се случи ваква трагедија влијаеле повеќе фактори.
„Треба да знаеме дека повеќе фактори се вмешуваат овде и нормално дека одговорност секако имаат и родителите и системот, како и тие кои се дел од самиот училишен систем. За жал, не можеле да утврдат за колку сериозна работа станува збор која има ваков исход. Сведоци сме на информации од медиумите во Србија дека детето баралао да го смени одделението, бидејќи било жртва на булинг и чести задевања кои биле и поради пелтечење. Сите овие работи мора да се проценат многу убаво. Тоа што ние треба да го кажеме и да го дадеме како совет е дека апелираме до родителите и надлежните многу будно да ги следат децата со цел превенција од вакви трагични несреќи како овој“, истакнува Гаспар.
Момчето кое вчера во основно училиште во Белград уби осум свои соученици и еден член на обезбедувањето ќе биде сместено на Клиниката за невропсихијатрија.
Превземено од Трн.мк