Човечкото тело обично одржува силен имунолошки одговор на коронавирусот најмалку осум месеци по инфекцијата и потенцијално подолго, велат научниците во студијата објавена во списанието „Science“. Нивната анализа покажа дека околу 90 проценти од испитаните пациенти развиле долготраен и стабилен имунитет по закрепнувањето од ковид-19.
Едно од најчестите прашања во врска со коронавирусот, кое се појави пред повеќе од една година, беше дали луѓето можат повторно да се заразат и, ако е така, колку бргу по прележувањето, може пак да се заразат. Постојат изолирани извештаи за луѓе кои неколку пати се заразиле со вирусот ковид-19, но новото истражување потврдува дека човечкото тело генерално задржува силен имунитет.
Испитувајќи ги примероците на скоро 200 пациенти, истражувачите откриле дека човечкото тело ја задржува, така да се каже, меморијата на ковид-19 и е подготвено брзо да создаде контранапад ако е повторно изложен на вирусот.
Новото истражување доаѓа во време на зголемена загриженост за нови соеви или мутации во коронавирусите, вклучувајќи ги и оние кои се првенствено идентификувани во Велика Британија и Јужна Африка. Од вчера е забележан нов вид на корона во седум држави во САД.
Научниците генерално се оптимисти дека човечкиот имунитет може да одговори на новите варијанти на коронавирусот. Сепак, тие додаваат дека нема простор за ризик. Затоа, научниците ширум светот проучуваат нови мутации со цел да и обезбедат на јавноста детални податоци за нивните ефекти врз човечкото тело, но и за ефектите врз произведените вакцини.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.