Проширувањето на членот 5 на основачкиот договор на НАТО кој денес ќе биде проширен им овозможува на членките на воениот пакт да одговорат и на напади во вселената.

Лидерите на НАТО денес ќе ја прошират примената на клаузулата за колективна одговорност, односно на членот 5 од основачкиот договор на НАТО „сите за еден, еден за сите, за членките на Алијансата да бидат спремни да одговорат и на напади во вселената“, изјави денес генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Членот 5 на основачкиот договор на НАТО вели дека напад врз кој било од 30 сојузници ќе се смета за напад врз сите нив.

До сега тоа се применуваше само на традиционалните воени напади на копно, море или во воздух, а од неодамна и во сајберпросторот, пренесува Асошиејтед прес.

„На овој самит јасно ќе кажеме дека, нормално, секој напад на вселенските капацитети, како сателити и слично, или напади од вселената, може да го активираат членот 5“, кажа Столтенберг, неколку часа пред почнувањето на самитот.

Околу Земјата кружат речиси 2.000 сателити, а со повеќе од половина управуваат членки на НАТО, покривајќи речиси сè – од мобилните телефони и банкарските услуги до временските прогнози.

Воените команданти зависат од некои од нив за навигација, комуникација и размена на разузнавачки податоци. Во декември 2019, лидерите на НАТО ја прогласија вселената за петти домен на операции на воениот пакт, по копното, морето, воздухот и сајберпросторот.

Многу земји членки се загрижени поради, како што велат, сè поагресивното однесување на Кина и Русија во вселената. Околу 80 земји имаат сателити, а во тој домен има и сè повеќе приватни компании.

Во осумдесеттите години од минатиот век само мал дел од комуникациите на НАТО беа преку сателити, а денес тоа се барем 40 отсто. Клаузулата за колективната одбрана на НАТО е активирана само еднаш досега, кога членките застанаа зад САД по нападите на 11 септември 2001 година.