Четири респираторни машини вредни околу 100 000 евра доби државава од НАТО Доверителниот фонд за одговор на пандемија како донација од Словак еид. На примопредавањето на донацијата на Меѓународниот аеродром во Скопје присуствуваа словачкиот министер за надворешни и европски работи Иван Корчок, заменик – претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров во својство на Национален координатор за странска помош во земјава и министерот за здравство Венко Филипче. Министерот Корчок изрази задоволство што денеска е во Скопје и посочи дека почнува еден вид турнеја низ Западен Балкан. Донацијата, потенцира, покажува дека НАТО навистина може да помогне кога е најпотребно. Вицепремиерот задолжен за европски прашања Димитров изрази благодарност што Словачка го споделува со нас ставот дека е време да ги почнеме преговорите за членство и да ја имаме првата меѓувладина конференција, што е мoжно побрзо.