Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ги предупреди Русија и Белорусија да не се закануваат на членките на Северноатлантскиот сојуз откако белоруските власти насилно приземјија патнички авион што леташе во рамките на ЕУ, се вели во соопштението објавено денеска.
„Секако, во итен случај, ние сме подготвени да го заштитиме и одбраниме секој сојузник од каква било закана што доаѓа од Минск и Москва“, изјави Столтенберг за весникот „Велт ам Зонтаг“.
Тој додаде дека тие „многу внимателно“ следат што се случува во Белорусија.
„Белорусија станува сè позависна од Русија“, рече Столтенберг и додаде дека НАТО е „сериозно загрижен за тесната соработка меѓу Москва и Минск во последните месеци“.
„Од минатото мораше да научиме дека Русија масовно го крши територијалниот интегритет на земји како што се Украина, Грузија и Молдавија“, рече Столтенберг.
Сепак, тој истакна дека НАТО е одбранбен сојуз.
Пред две недели, белорускиот претседател Александар Лукашенко нареди авион на „Рајанер“, кој летал на релација Атина – Вилнус, да слета во Минск.
Белорускиот новинар и критичар на Лукашенко, Роман Проташевич и неговата девојка Софија Сапега, кои биле во авионот, се уапсени и се уште се во притвор.
ЕУ реагираше со воведување санкции кон Белорусија, додека рускиот претседател Владимир Путин го прими Лукашенко на разговори и рече дека Москва ќе ја поддржи Белорусија со заем од 500 милиони долари. Путин, исто така, ја истакна неговата постојана поддршка за Лукашенко во спорот со Западот.